Ковид кризата ни донесе рекордно задолжување

Сумата од 700 милиони евра која Владата ја позајми преку издавање еврообврзница не кореспондира со плановите за задолжување од дополнителни 1,2 милијарди евра. Износот е премал, кризата далеку од завршена, па задолжувањето може да надмине и две милијарди евра – смета аналитичарот Висар Адеми. Ако ситуацијата продолжи со исто темпо, тој предупредува дека Владата ќе биде принудена да се задолжи по вторпат на есен. Јавниот долг драстично ќе се зголемел.

За еврообврзницата ќе треба да се плаќа камата од 3,67% или над 150 милиони евра. Од министерството за финансии не кажуваат зошто се земаа 100 милиони евра помалку од предвиденото, но уверуваат дека интересот на инвеститорите бил голем.

„Интересот на странските инвеститори за македонската еврообврзница беше петпати поголем од износот кој беше издаден. Ова е уште еден податок, покрај поволната каматна стапка, што укажува на доброто позиционирање кај странските инвеститори и нивната доверба во земјава“ – велат од Министерството за финансии.

Други аналитичари пак тврдат дека Владата можела да се задолжи поевтино. Ја отвораат дилемата дали можеше преку задолжување кај домашните банки да се издејствува двојно пониска камата?

„Можеше ли за скоро двојно помала цена да се ангажира домашното девизно штедење во домашните банки и на кое истите плаќаат дури и негативни камати во странските банки? Колкав дел од тие 700 милиони ќе беа можни? Ќе сакаа ли нашите банки аранжман? Тие секако ќе имаа повеќе доверба во својата економија, рангирана како ББ минус според Стандард енд Пурс и ББ плус според Фич, од странските инвеститори во обврзницата“ – пишува на фејсбук поранешниот министер за финансии и аналитичар Никола Поповски.

Инаку, државата се задолжи на 6 години на надворешниот пазар. Дома, пак, последната издадена 5-годишна државна обврзница имала камата од 1,40%, а 10-годишната 3,40%. Парите треба да се потрошат за покривање на дефицитот и справување со корона кризата. Аналитичарот Адеми смета дека исплатите согласно третиот пакет мерки се темпираат токму пред избори и значат поткуп на невработените, социјалците, студентите.

Со ребалансот е предвидено дупката во буџетот да се зголеми за 470 милиони евра и да достигне 750 милиони евра, а јавниот долг да скокне на 58% од БДП.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста