Ковачевски со порака до својот наследник: Да нема министри од ВМРО-ДПМНЕ во техничката Влада
Талат Џафери да формира Влада без технички министри од ВМРО-ДПМНЕ. Ова е желбата која на Водици ја соопшти актуелниот и уште неколку дена премиер Димитар Ковачевски, ако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, не гласале собранискиот спикер да биде премиер.
-Доколку ВМРО-ДПМНЕ реши да не гласа за таа Влада, тогаш сметам дека тие места треба да останат празни, мандатарот да предложи Влада во кои што тие места ќе бидат испразнети. И во моментот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе реши да ја поддржи Владата, тогаш наредниот ден ќе може да предложи и во истиот ден да се изгласаат министрите кои што на нив им следуваат, изјави Ковчаевски.
Овој став на Ковачевски е контра претходниот, повторен повеќе пати, дека ВМРО-ДПМНЕ има законска обврска да има министри во техничката Влада. Став кажан во моменти додека партијата на Мицкоски размислуваше дали воопшто да учествува во владиниот состав кој ќе го води сегашниот собраниски спикер.
-Сметам дека не постои причина, во овој случај ВМРО-ДПМНЕ да не ја исполни својата законска обврска, бидејќи тоа предлагање произлегува од закон за Влада и од закон за избори, изјави Ковачевски.
ВМРО-ДПМНЕ решија да учестуваат во техничката Влада, со цел да спречат како што кажаа евентуална изборна кражба, за што велат биле подготвен во владејачкото мнозинство.
-Мојот став е јасен, а тој став ќе го соопштам и на Извршниот и Централниот Комитет, Талат Џафери не ја заслужува поддршката од ВМРО-ДПМНЕ и ќе се воздржиме од гласање, изјави Мицкоски.
На зборовите на Ковачевски, експресно реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ. Ова биле евтини трикови и надмудрувања кои биле очекуваниод Ковачевски и неговата власт. Велат дека останува на нив да одлучат дали ќе го почитуваат или кршат законот, со цел загрозување на изборниот процес. Велат и дека законот не познава предлози за министри „празно место“
Инаку, извори од Мала Речица за телевизијата Клан Македонија кажале дека пратениците на оваа партијата нема да ги поддржат предлозите за министри во Техничката влада кои доаѓаат од ВМРО ДПМНЕ.
Матеја Петровски