Ковачевски одбегнува директно да одговори на прашањата на Алфа, дали Бугарија била фашистичка држава

Историјата да се остави на историчарите, политиката на политичарите – македонската премиер Димитар Ковачевски одбегнува директно да одговори на прашањата на Алфа, дали го делат ставот со првиот човек на комисијата за историски прашања кој пред само неколку дена ни порача дека не сме смееле да ја нарекуваме Бугарија фашистичка држава. Наместо одговор Ковачевски објаснуваше дека ја продлабочуваат соработката со Бугарија во повеќе сегменти.

– Историчарите работат според методологија, претседаваат двајца претседатели. Политичките прашања се предмет на разговорот помеѓу министерствата за надворешни работи. Тие денеска имаат состанок во Софија и кога комисиите ќе имаат што да изјават тогаш тоа останува на нив заеднички да го направат. Во однос на Историската комисија треба да се остави на историчарите според својата методологија да ги даваат изјавите, политичарите да зборуваат за политичките прашања, историчарите за историските прашања, рече Ковачевски.

Иако Коавачевски се правда дека историската комисија работи според своја методологија, пред само неколку недели двете влади директно се вмешаа во работата на историчарите и им наложија во следните четири месеци да одржат три средби а за сработеното да ги известат матичните влади.

Пред само неколку дена претседателот на македонската историска комисија Драги Ѓорѓиев порача дека Бугарија во минатото не била фашистичка држава – можело да се користат термините окупација, инвазија, па дури и анексија, меѓутоа не и терминот бугарска фашистичка окупација.

Во меѓувреме два дена во Софија претставниците на двете комисии зад затворени врати повторно расправаат за историските периоди, на кои Бугарија инсистира да бидат признаени како заедничка историја со акцент македонските историски личности да бидат признаени како Бугари.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста