Ковачевски ја одби фрлената ракавица за предвремени избори, Мицкоски убеден – ќе има порано или подоцна

Премиерот Ковачевски и денеска ја одби фрлената ракавица за предвремени парламентарни избори. Иако уште на првиот ден од неговиот мандат се согласи на средба со лидерот на опозицијата, нема да се сретне со Мицкоски ако треба да разговараат само на оваа тема.

Не сум човек кој подлегнува на притисоци, закани и уцени. Доколку единствена точка за која опозицијата смета дека треба да се разговара се предвремени избори, тогаш таква средба нема да има, бидејќи сакам да повторам дека избори ќе има, но во 2024 година. Во овој момент на Република Македонија и е потребно лидерство и одговорност за справување со големите предизвици што ги имаме во оваа кризна година, а тоа е енергетската криза, која е европска, потоа здравствената криза која се уште е присутна преку новите соеви и ценовната инфлација – изјави Ковачевски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ пак убеден – избори ќе има порано или подоцна. А веднаш после тоа и одговорност за сите погрешни политики на коалицијата СДСМ и ДУИ. 

„Затоа сме ние опозиција, затоа ја добивме довербата од народот на минатите локални избори, тоа ќе се случеше и на предвремените парламентарни да беа оној грабеж и масовен брутален поткуп што се случуваше со картичките. Но, подоцна или порано ќе се случат тие парламентарни избори, а потоа следува одговорност за сите овие погрешни политики на кои што македонскиот народ и граѓаните се сведоци изминатите четири години“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски.

Откако владејачката коалиција на последните локални избори доживеа пораз, ВМРО-ДПМНЕ настојува на предвремени парламентарни избори, до Собранието поднесе и Иницијатива за укинување на Пржинската влада но истиот не беше усвоен.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста