Ковачевски го „крои„ кабинетот, имињата на министрите се држат во тајност, проблеми има и со помалите партнери

Jавноста ќе почека до следната недела за да ја слушне листата на новиот владин состав кога и официјално ќе биде доставен до Собранието, а потоа и до шефот на државата Стево Пендаровски, потврдија од партијата за Алфа. Имињата на новите министри вечерва на состанок на највисоките органи на СДСМ ќе бидат претставени од Димитар Ковачевски.

А новиот мандатар веќе втор ден остварува поединечни средби со помалите коалициони партнери околу изборот на новите министри. Веќе седнал на маса со новиот коалиционен партнер Африм Гаши и се согласиле како дел од новата влада, дека ќе се заложи за унапредување на државата кон европското семејство и градење на прогресивна држава.

– Честитајќи му за новата задача на новоизбраниот претседател на Социјалдемократите, Ковачевски, меѓу другото, разговаравме и за иднината на државата и владиниот план за држава со европска и прогресивна ориентација, напиша Гаши.

Пратеникот и претседател на Демократски сојуз Павле Трајанов вели дека денеска ќе седнат на маса со мандатарот, но највува дека доколку не се согласуваат со дел од новите имиња нема да ја гласаат новата влада.

Инаку со формирањето на новата влада ќе стапат на функција и министрите кои ги предложи Алтернатива како дел од коалицијата која ја договорија со премиерот во заминување Зоран Заев. Веќе е јасно дека тие го земаат секторот здравство каде на местото на Венко Филипче треба да седне стоматологот Беким Сали. А во тајност се уште се држат имињата на новите министри кои треба да ги наследат Радмила Шеќеринска, Мила Царовска, Љупчо Николовски и Оливер Спасовски, кои веќе си поднесоа оставки од сите партиски функции, а дел од нив и категорично најавија дека нема да бидат дел од новиот кабинет. Партиски извори брифираат,  дека западно-европските дипломати, искажале сериозна загриженост, во однос на изборот на кадрите, и безбедносните сертификати – неопходни, во работата со НАТО.. Актуелната директорка на УЈП Сања Лукаревска чие име се споменуваше за една од вицепремиерските позиции најави дека нема да ја напушти институцијата со која раководи.

Неизвесно е – дали во тимот на Ковачевски, ќе има место за Благој Бочварски, Јагода Шахпаска, и Ирена Стефоска… Единствено ЛДП ќе остане со ресорот локална самоуправа, а од кадрите на СДСМ извесна е само позицијата на Бојан Маричиќ, кој ќе го наследи Димитров како вицепремиер за евроинтеграции…Сепак јасно е дека за кадрите на ДУИ воопшто и не се разговара, односно тие ќе ги задржат министерствата кои ги имаат.  

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста