Костовски: Смислено сценарио за клуч на врата на „Еуростандард“
„Еуростандард“ можела да се спаси, но Народната банка намерно ја одвела банката во пропаст – обвини сопственикот на Еуростандард Трифун Костовски. Според него, гувернерката играла двојна игра. Со месеци знаела дека постои заинтересиран и сериозен инвеститор од Дубаи кој сакал да ја преземе банката и ќе доставел понуда до денеска. Прашува – на кој му се брзаше да стави клуч на врата и да предизвика хаос. Неговиот син Коста Костовски имал и средба во Народната банка во понеделникот, која со ништо не навестувала дека се подготвува сценарио за затворање. За одземање на дозволата за работа дознале од медиумите. Прашуваат кој од банкарските кругови ја „мерка“ за „џабе“ да ја земе атрактивната зграда во строгиот центар на Скопје и да го преземе милионскиот договор со Македонски Пошти.
„Да, имавме понуди за преземање на нашата банка. Имавме понуди кои гарантираа стабилност на банката, просперитет и развој. Имавме понуди од големи групации. за истите беа запознаени челниците на Народна Банка. Истите понуди генерално беа давани и единствен услов беше нивно доаѓање во Македонија. До ден денеска сето тоа не се случи, иако крајниот рок за прифаќање или неприфаќање на понудата беше 14-ти, односно денешниов ден“ – вели Коста Костовски.
Луѓе во банкарските кругови подолг период знаеле што се подготвува, а многу бизнисмени и компании имале инсајдерски информации и пред неколку месеци почнале да си ги повлекуваат парите. Костовски не верува дека една од нив е и министерката за финансии Нина Ангеловска, за која Антикорупциската комисија ќе отвори предмет.
„Денеска во јавноста се споменува министерката за финансии. Мислам дека е таа стар клиент и објективно јас неа не би ја вмешал во овој круг. Меѓутоа, апсолутно постои круг на луѓе кој има прилично добри квоти кои ги повлекоа во овие пар месеци, точно према шпекулативни информации добиени од Народна банка: „Повлекувај си ги парите и бегај“ – вели Трифун Костовски.
Семејството Костовски најавува кривична пријава за претходното раководство за злоупотреба на пари и тужба кон НБМ за нанесена штета кон акционерите и коминтентите. Правдата велат ќе ја бараат на арбитражен суд во странство. Сметаат дека поранешниот директор е еден од виновниците што банката станала, како што ја нарекоа „депонија на лоши пласмани“. Годината во која се обидоа да ја докапитализираат банката и дури ја продадоа семејната осигурителна компанија Еуролинк ја опишаа како „измачување со глад до смрт“.
„Ние самите ќе ја спасевме банката и нашите клиенти. Меѓутоа некому му се брзаше. Зошто, како, при неформирана Влада, при еден комплетен дискурс во земјава, при владеење на пандемија. Тоа е лудо, тоа е ненормално. Тоа е вон секое здраво размислување. Кажете ми пример во даденава ситуација, да се преземат вакви ригорозни мерки“ – вели Трифун Костовски.
Семејството Костовски им се извини на клиентите на банката што се најдоа во ваква ситуација и тврди дека не бегаат од нивниот дел од одговорноста. Тврдат дека со пропаста на банката изгубиле и до 70 милиони евра капитал. Народната банка информираше дека нефункционалните кредити на Еуростандард „тежат“ речиси 59 милиони евра.
Тања Попова