Костовски: Општина Бутел ќе потроши 456.000 евра за привремени вработувања

Општина Бутел продолжува со привремени вработувања, обвинува Дарко Костовски, од ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Бутел. Тој на Фејсбук пишува дека општина Бутел, на чело со градоначалникот Велимир Смилевски, на 10-ти април склучил договори за вработувања, вредни 456.000 евра, за над 130 привремени работни места, за период од една година.

Костовски прашува – дали градоначалникот смета дека треба да потроши половина милион евра, за привремени вработувања на партиски кадри, во време на една од најголемите здравствени, и економски кризи во земјава?

Алфа побара објаснување од градоначалникот Велимир Смилевски, но тој не одговори на нашите повици.

Градоначалникот, треба да одговори на кој начин, се избрани овие 130 вработени и дали општината има потреба од толку голем број сега во време на криза. Костовски бара од градоначалникот на Бутел, јавно да ги објави вработените со име и презиме, и на кои позиции се ангажирани.

И додека економијата е на стаклени нозе, и граѓаните стравуваат за своите работни места и висината на плата, сепак дел од општините распишуваат огласи за вработување, но и тендери за цвеќиња. Општина Штип решила да даде речиси 100.000 денари за набавка цвеќиња, а околу 250.000 за пијалаци и засладувачи.

Градоначалникот Благој Бочварски се правда дека двата тендера не биле потпишани во време на вонредна состојба, а и државата не им бранела да ги трошат тие пари, а тие биле домаќинска куќа.

Во меѓувреме, дополнителната министерка за јавна администрација предупреди и на 65 договори со Агенции за привремени вработувања, кои од буџетот на државата ќе потрошат милиони евра. Дел од нив се во Гази Баба, за кои градоначалникот вели дека тие биле продолжување на оние договори кои биле на определено време.

Претходно се огласија и од Антикорупциска. Велат дека во услови на криза, постојат зголемени ризици од корупција и злоупотреба, па им посочија на службените лица да ги почитуваат начелата на законитост, и професионалните стандарди при извршување на своите јавни овластувања и должности.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста