Косово: Три субјекти бараат пребројување на гласовите, се жалат за грешка во формуларите

Демократската партија на Косово (ПДК), Социјалдемократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и коалицијата Социјалдемократска иницијатива (Нисма) – Алијанса ново Косово (АКР) поднесоа жалби до Изборниот панел за поплаки и претставки (ПЗАП), со барање за пребројување на гласовите од неделните вонредни парламентарни избори, јави дописникот на МИА од Приштина.

Трите субјекти претендираат дека имало техничка грешка во формуларите за внес на гласовите, поради што бараат пребројување и користење на нови формулари.

Шефот на Секретаријатот на ПЗАП, Муљ Деску во изјава за медиумите потврди дека барањата од трите учесници на изборите се добиени и најави дека ќе бидат разгледани во текот на денешниот ден.

– Три политички субјекти, ПДК, ЛДК и коалицијата Нисма-АКР, поднесоа поплаки во ПЗАП, со кои претендираат дека резултатите на кандидатите не се исправно внесени во формуларите. Дали побарале пребројување, тоа не знам, бидејќи поплаките ги разгледуваат судии, изјави Деску за Коха.нет.

По пребројувањето на повеќе од 99 отсто од гласовите, ПДК е трета со 21,21 отсто освоени гласови, ЛДК е втора со 24,81, додека коалицијата Нисма-АКР е под прагот од пет отсто за освојување места во идното Собрание, односно има освоено 4,92 отсто од гласовите. Водечка партија е Движењето Самоопределување (ВВ), со освоени 25,54 отсто од гласовите.