Косово или Македонија- за кого работи Артан Груби?

Македонија или Косово? За чија Влада и за која држава работи Артан Груби? Овие прашања се поставуваат по последните потези кои ги прави вториот човек во македонската Влада. Груби се пофали дека приоритет за Македонија било признавањето на Косово, па за тоа се лобирало од македонска страна дури и во Шпанија.

-Апсолутно да, прашањето за Косово е на приоритетната листа на господинот Османи, исто така е приоритет на нашата партија како учесник во Владата на Република Северна Македонија. Разговаравме за ова со госпоѓата Вјоса Османи, дека секогаш ќе ја имаат нашата поддршка, без разлика дали сум јас како заменик-премиер, или министерот за надворешни работи Бујар Османи, но и на Али Ахмети, бидејќи Косово е наш приоритет, изјави Груби при посетата на Косово.

А освен оваа изјава на Груби од Владата молк, нема одговори на прашањата што правел Бујар Османи во Шпанија, дали тема на разговор било признавање на Косово. Токму за ова Алфа го праша премиерот Зоран Заев, кој за одговор не упати на владиниот сајт, каде пак немаше ништо околу ова прашање.

Добро дадовме детален одговор од Владата, во координација секако со мене. Немам нешто повеќе да дополнам, тоа е одговор кој вчера го соопштивме од името на Владата…. Објавено е јавно од страна на Владата, ве молам само на веб страната на Владата ќе го добиете детално одговорот, изјави Заев.

А во период додека Македонија се бори со пандемијата од ковид 19, Артан Груби е и активно влезен во кампања со која бара Албанците од дијаспората, да се попишат на пописот кој во Македонија се спроведува без политички консензус. За таа цел на социјалните мрежи објави фотографија и со албанскиот премиер Еди Рама. А во видео објавено на својот фејсбук профил, поранешниот премиер на Косово, Рамуш Харадинај со Груби зад него ги повикува Албанците да земат активно учество на пописот.

-Овој пат треба сите да бидеме заедно, да го подржиме и помогнеме во попишувањето на Албанците во Северна Македонија, особено оние кои што се во Дијаспора. Станува збор за лесен и јасен процес, и правејќи го овој чин, односно попишувајќи се тие си помагаат себеси, нивните семејства и татковината, во овој случај и целиот регион, порача во видеото Харадинај.

Артан Груби во Тирана остварил средба и претседателот на Албанија Илир Метар, а една од темите на разговорот бил и пописот на населениот, се вели во соопштението од кабинетот на првиот вицепремиер.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста