Косово доби војска, Албанците слават, Србија загрижена

Косово доби војска. Косовското Собрание со гласовите на сите присутни пратеници, на денешната пленарна седница ги усвоија законите со кои досегашните Безбедносни сили практично прераснуваат во Војска на Косово. За трите закони, оној за Министерството за одбрана, за ФСК, и за служба во ФСК, гласаа сите 107 пратеници присутни на седницата, од 120 колку што вкупно брои косовскиот Парламент. Гласот „за“ формирање на војската го дадоа сите пратеници Албанци, и од власта и од опозицијата, како и оние на немнозинските етнички заедници, освен претставниците на косовските Срби.

Лидерот на Српска листа, Горан Ракиќ изјави дека со формирање војска на Косово, Приштина на најгруб начин ги нападна мирот и безбедноста, повикувајќи ги Србите да бидат воздржани и да не наседнуваат на провокации.

По повод формирањето Војска на Косово, реагираа од Белград истакнувајќи дека е прекршено меѓународното право. Негативна реакција Косово доби и од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг кој изјави дека жали за одлуката на косовскиот парламент. Поради оваа одлука НАТО ќе го „преразгледа“ степенот на „ангажман“ со косовските безбедносни служби. Тој нагласи дека со денешната одлука Косово покажало дека не сака мир и предупреди дека КФОР е единствената сила на која и е даден мандат да носи оружје и има обврска да гарантира безбедност во северниот дел на Косово, но и во српските средини јужно од Ибар.

Српската премерка Ана Брнабиќ изјави дека денешниов ден кога Ксоово доби војска, „не е ден кој придонесува кон стабилност во регионот“, додавајќи дека Србија ќе продолжи со својот пат кон стабилност и мир.
Во Приштина се најавени манифестации за прослава на стекнувањето на Косово со Вооружени сили.