Корупцијата во Македонија е стил на работа, до кога?

Корупцијата како стил на работа и живот. Вадење разни дозволи, добивање лиценци, местење тендери, вработувања – митото и корупцијата со децении се канцер на македонското стопанство – алармираат бизнисмените. Ретки биле позитивните примери кои работеле според сите прописи. Бизнисмените го гледаат проблемот во поставеноста на системот, културата, воспитувањето и слабата свест за тоа што треба да претставува и каков пример да даде секој член на општеството. Токму затоа и Стејт Департментот во најновиот извештај ја нотира корупцијата како главен проблем во земјава.

„Анализата од Стејт Департментот не е случајна и за жал, не е нова. Со години наназад, доколку се следат индексите на корупција, земјава е на високо ниво, бидејќи системот и ингеренциите, слободата и неказнивоста им даваат можности на слоеви во општеството да ја препознаваат и злоупотребуваат за лично богатење и корист“ – вели Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата на Македонија.

Закони има, но не се спроведуваат во пракса. Фатените во коруптивни активности ретко ја добиваат заслужената казна. Токму неказнивоста ги поттикнува луѓето да го изигруваат и злоупотребуваат системот. Властите мора да седнат со заинтересираните страни и преку дијалог да работат на подобар систем за борба против корупцијата – велат бизнисмените.

„За многу мал број на постапки има покренато обвиненија, а и тие обвиненија не завршуваат секогаш со логично, етичко и морално поставените норми. Секогаш се наоѓа состојба на објаснување, зошто учесникот во корупција, без оглед на тоа што дали е подмитен или дали ја платил корупцијата или ја понудил, не секогаш завршуваат со логичниот исход, кога веќе учесникот бил дел од една таква акција“ – вели Бошков.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски обвини дека власта лажно ги прикажува само розовите агли на извештајот на американскиот Стејт Департмент. Тој ги цитираше деловите кои се однесуваат на тоа дека спроведувањето на законите за борба против корупцијата се слаби и селективно насочени кон владините критичари. Во извештајот на Стејт Департментот стои дека „многу бизниси кои работат, вклучително и некои американски бизниси, ја идентификуваат корупцијата како проблем во владините тендери и во судството. Стејт департментот нотира дека бизнисите им давале откази на вработените. Истовремено, државата назадуваше 13 места на ранг листата на Дуинг Бизнис за почнување бизнис, а пад од 13 места има и според Индексот на корупција на Транспаренси Интернешнал.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста