Короната во Прилеп, од почетокот на пандемијата досега, просечно месечно „убивала“ дури по 24 пациенти

       Галопирачкиот поход на пандемијата во градот под Марковите Кули, особено на „британскиот сој“ на вирусот, кој веќе  со 100 проценти е доминантен, не стивнува. Прилеп, останува на неславното второ место на црната ковид-скала, со досега вкупно заразени близу 6.500 граѓани. Во моментов на Инфективното одделение и на четирите Ковид-оддели, хоспитализирани се 119 пациенти, а дури 93 од нив се на кислородна поддршка. Расте бројот и на пациентите во Дневната болница, а нема ден да нема минимум и по двајца починати. Слободни кревети има за уште 20 пациенти.

   „Во моментот работиме на оспособување на Модуларната болница. Значи, имаме довод на електрична енергија, пристапот го овозможивме и за неколку денови очекуваме и централниот довод на кислород да биде ставен во функција…Апелот е да ги почитуваат мерките за да можат здравствените работници да бидат подготвени да им пружат соодветна нега на пациентите кои што доаѓаат, затоа што колку поголем број на пациенти кои што треба да се третираат, толку пооптоварен персонал“, – вели директорката на прилепската Болница, Кети Смилеска.

   На крајно драматичната состојба во градот, за третманот на пациентите во Болницата и застрачувачката смртност, реагираа и локалните опозиционери.

    „Во што ли се претвори Болницата во Прилеп ?! Во хорор ли ?! Знае ли менаџментот да менаџира со болницата?! Наместо министерот Венко Филипче да објавува секојдневна статистика…нека се охрабри и нека дојде во Болницата, а не во Општината..за да види како пациентите со часови чекаат во редица и молат за помош. Да провери на што се должи високата смртност ?! – прашува Влатко Петкоски од ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Прилеп.

     За жал, освен во Прилеп, пандемијата, последниве денови зема се’ поголем замав и во соседна Битола. Според директорката на битолската Клиничка болница, Билјана Гагачева, таму во моментов се хоспитализирани 77 пацинети, од кои дури 65 се на кислородна поддршка. Слободни кревети има уште 23, со тоа што таму Модуларната болница со капацитет од 90 легла, веќе била готова, ни изјави за Алфа, директорката Гагачева. 

    Инаку, прилепчани, особено оние кои веќе го прележале вирусот, свесни за алармантноста на состојбата во која се наоѓа градот и се’ поубедени дека најмногу од нив ќе зависи спасот од заразата, се’ помасоно се пријавуваат и за донирање на конвалесцентна плазма, така што само од почетокот на годинава досега се пријавиле дури 80 граѓани, а додека лани за цела година биле само 70. Но, она што најмногу останува да загрижува и понатаму е високата смртност. Анализите покажуваат дека досега во Прилеп починале безмалку 300 лица, што ќе рече дека за една година, секој месец, просечно умирале по 24 пациенти.

  Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста