Короната во Битола си дојде по своето со мартовските празнувања

Драматични стануваат состојбите во Битола со секојдневно регистрирање по педесеттина позитивни на Ковид- 19. Според епидемиолозите, една од причините се мартовските празнувања за 8- ми март и Прочка, а заболените во најголем број имаат симптоми со висока температура, болки по телото и мускулите и за разлика од претходно, драстично е зголемен бројот кај помладата популација. За среќа, смртноста е мала, со само тројца починати мината недела. Веќе не може да се зборува ниту за кластери, зашто короната е широко распространета со над 450 активни случаи и присутна е во сите средини- школи, установи, фирми итн., велат од ЦЈЗ.  Таму, лабораторијата за ПСР- тестови работи со полн капацитет и дневно се тестираат до 130 лица, а се прават уште 30 брзи тестови.

Во Клиничката болница која делува регионално, во ковид- центарот се сместени 78 болни и суспектни пациенти, од кои 66 се на кислородна поддршка. Слободни се 22 легла, меѓутоа има и други капацитети, а најважно е што веќе е спремна и модуларната болница, вели директорката Билјана Гагачева.

  • Модуларната болница во Битола со 90 легла е спремна да ги прифати првите пациенти, но барем засега таа ќе биде златна резерва зато што капацитетите во Клиничката болница не се доискористени. Сепак, лекарскиот и другиот медицински пе4сонал ќе функционираат со ротирање и од другите одделенија, што впрочем е практика од времето на почетокот од короната.

Во модуларната болница, беше речено,  дека е обезбедена комплетна опрема и апаратура за кислородна поддршка. Но, ако таму е веќе с`е ново, голем дел од објектите во Клиничката болница се застарени со супстандарди и хигиено- техничка заштита која е на работ од можностите. Тоа провоцира јавни рекации на незадоволни пациенти, иако и овој здравствен центар , во голема мерка е лика и прилика на целокупниот јавен сектор во здравствениот систем на државата.

Инаку, од Општинскиот кризен штаб велат дека се во секојдневна комуникација и давање пртепораки за граѓаните,  а финансиска и друга поддршка им даваат на Болницата и Центарот за јавно здравје. Минатата недела, на инспекциските служби им беа наложени засилени контроли во кафулињата и угостителските објекти, како потенцијални жаришта за короната. Меѓутоа , очигледно, посилни се старите  битолски навики за комоција и кафеанско дружење.

Петар Стефановски