Короната влезе и во битолските судови

    

                Седум  вработени лица во Основниот суд во Битола од кои еден судија, се позитивни на ковид-19 и барем засега, сите имаат симптоми со лесна клиничка слика. Уште толку, отсутни се од работа по сопствено барање, некои користејќи годишен одмор, а другите боледување. Судот во моментот има околу 120- 130 вработени, од кои шеснаесет судии и во моментов се активни, така да работата тече непречено. – Сите протоколи се почитуваат, на вработените при доаѓање на работа им се мери температура, секој ден добиваат маски и сите хигиено- технички средства. Ние сме суд со проширена надлежност и повеќе активности, меѓутоа во прв приоритет ни се  притворските предмети и сите други со приоритет, за да нема оштетување на граѓаните- рече претседателот Миле Димовски. Деновиве, 62- годишен судски полицаец од овој суд почина во државните клиники, откако по нагло влошената клиничка слика во Инфективното одделение во Битола, неговите го однесоа во Скопје, каде наредниот ден почина. Од друга страна, во изминатиот период позитивен беше и претседателот на Аплацискиот суд, а исто така и вишата јавна обвинителка.

                Короната во Битола е во полн замаф и евидентно е дека има повеќе кластери. Во хосписот “Сју Рајдер“ каде што се сместени 61 пациент, главно немоќни поради разни болести, непокретни, со малигни заболувања итн., до вчера позитивни на тестирањето се 33 лица, а денеска треба да се знае конечната бројка, како и за вработените, од кои, до вчера позитивни на ковид- 19 беа седуммина.

                Во РЕК “Битола“ со околу три илјади вработени, во моментов 31 работник се позитивни, а 40 со решение се во самоизолација и чекаат тестирање. Од таму велат дека во моментов, во рудниците и термото каде што дозволува работниот процес, сменски се работи по 12 часа за да има една смена во резерва. Наскоро, се очекува организирање на работниот процес со ротација за сите вработени, како што беше пред неколку месеци.

                Во Клиничката болница во Битола, заклучно со денеска, хоспитализирани се 70 пациенти позитивни на корона, со што,  здравствениот систем во Битола е страшно оптоварен. Исто така, вчера тука е поставен и дневниот рекрод со 69 заболени, а вкупната бројка на активни случаи во Битола беше 408. Според лежарноста и отсуството на социјална дистанца особено на младите, за многу скоро се очекува дневните показатели да достигнат троцифрени бројки, а во лабораторијата на ЦЈЗ која има капацитет за сто тестови дневно, се врши огромен притисок.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста