Короната почна да удира по помладите, старосната граница на починати е пониска од претходните бранови

Поразителни статистики на здравствените институции – се повеќе млади луѓе ја губат битката во последниот корона бран во кој доминира опасниот Делта сој. Македонија и натаму е високо на листата на земји со најголема смртност на милион жители, четврта во Европа и петта во светот, што е полошо дури и од претходниот пролетен бран кога беше шестта, а имавме и над 40-тина починати на ден. Пред нас во моментов се само Гибралтар, БиХ и Унгарија.
Познавачите коментираат дека само вакцините не спасиле од поголема катастрофа бидејќи токму имунизацијата спречила земјава да се искачи на врвот по бројот на починати од делта мутацијата. Професорот Дејан Трајковски во своите статистики бележи дека благодарение на вакцините леталитетот е намален за 3,52 отсто од претходниот просек. Благодарение на масовната вакцинација, особено кај постарите од 60 години, врвот на смртноста е неспоредливо помал од претходните врвови, вели професорот Трајковски.

„Македонија во текот на есента со овој тренд ќе ги надмине и БиХ и Унгарија (каде нема нагорен тренд) и ќе избие на второ место во светот според вкупниот број на починати од ковид-19 на милион жители. Всушност, ако сметаме со пореалниот број на жители (околу 1,8 милиони, ако не и 1,5 милиони жители) тогаш Македонија уште отсега е на второ место во светот според кумулативниот морталитет, најважниот индикатор на (не)справувањето со епидемијата на Ковид-19“, пишува Трајковски во неговите дневни статистики.

Докторите пак признаа дека младоста не штити од корона вирусот, но се уште немаат одговор на што точно се должи смртноста кај тинејџери и адолесценти и покрај тоа што овие луѓе немале никакви коморбидитети. Министерот за здравство коментирајќи ја смртноста кај младите рече дека мртноста кај младите е поголема затоа што тие имаат повеќе контакти, а делта сојот е полесно пренослив.

„Ние од оваа болест видовме помлади починати лица и претходно и тоа е навистина една страшна клиничка слика со страшни оштетувања на белите дробови кои што најверојатно потекнуваат од тромбози на ниво на најмалите крвни садови на белите дробови што е во клиничката слика на оваа болест“, додаде Филипче.

Вчера во Македонија битката со вирусот ја изгуби 15 годишно девојче од тетовското село Селце што е и најмнадиот пациент што починал од ковид 19 од стартот на пандемијата во земјава. На 25 август во тетовската болница почина и 21 годишно момче за кое известија тамошните доктори, но заклучно со вчерашната статистика не беше објавен ваков смртен случај во тетовскиот регион. Пред неколку дена битката со вирусот ја изгуби и 24 годишно момле од Ресен кое се заразило на сопствената свадба.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста