Корона вирусот забрзано се шири – Филипче дури сега бара рестрикции
Забрана за свадби и прослави во затворен простор предложи Комисијата за заразни болести, откако состојбата со корона вирусот се влоши. Првично предлогот се однесуваше само на полошкиот регион, но подоцна Комисијата се договорила мерките да бидат за цела Македонија. Ќе се ограничи и капацитетот на угостителските објекти конкретно во затворените делови каде ќе биде дозволена исполнетост до најмногу 30 отсто. На масите ќе смее да седат само по 4ца гости. Министерот за здравство Венко Филипче конечно призна – состојбата е крајно сериозна и новиот бран е веќе пристигнат.
„Летните одмори донесоа голема фреквенција на движење и тоа беше очекувано, оттука мора да се вратат одредени мерки на сила за да се спречи поголемо ширење на вирусот. Како кластери каде најбрзо се шири вирусот се свадби и прослави на затворено кои ги има многу во овој регион,а според информациите на локално ниво воопшто не се почитуваат мерките за превенција, пред се носење маски на затворено“, информираат до Министерството за здравство.
Во меѓувреме, бројот на заболени расте. Во последниот ковид биланс регистрирано е едно починато лице, а дијагностицирани се 378 новозаболени. Тетово и натаму е на врвот со најмногу позитивни по глава на жител – таму има близу 500 активни случаи, повеќе и од Скопје.
Од тетовската болница во изминатите денови алармираа дека се повеќе млади пациенти заразени со Корона вирусот се на кислородна поддршка, што укажува дека новата варијанта посериозно ги напаѓа младите.
Докторите се погласно зборуваат дека надлежните со време требаше да го ограничат влезот на границите за време на летниот период, но сега велат е доцна за рестрикции. Познавачите пак алармираат дека репродукцискиот број на ширење на вирусот се ближи кон 2,5 што значи дека секој заразен вирусот го пренесува на најмалку уште двајца други. Со вакво темпо до крајот на месецов бројот на нови случаи дневно би можел да достигне и до 1500, предупредуваат епидемиолозите и алармираат дека тоа сериозно ќе ги оптовари болничките капацитети.
Биљана Божиновска