Корона вирусот направи сефте и во РЕК “Битола“

Без никакви симптоми на корона вирусот, 63- годишен битолчанец инаку ракувач со машини во РЕК “Битола“, откако му се слошило, бил однесен во Клиничката болница и на рентген снимка била утврдена пневмонија, а еден час подоцна починал. Посмртно, му била утврдена корона. Со овој случај,  короната направи сефте и во најголемиот електро енергетски комбинат   РЕК “Битола“. Според епидемиолошките протоколи, било утврдено дека починатиот како ракувач на машина , имал сосема мали контакти и за само шест вработени Ценатарот за јавно здравје донесе решение за здравствен надзор, а уште деветмина, Координативното тело  за следењето на Ковид- 19  од Комбинатот ги упати дома, заменувајќи ги со резервниот тим. Од РЕК “Битола“ велат дека согласно владината уредба за заштита, вработените што ги исполнуваат условите, со мали деца, возраст и хронични болести, се упатени дома, а останатите се организирани за непречена работа со безбедносен протокол и опрема, а покрај седмичната дезинфекција, поради овој случај во Комбинатот е извршена вонредна дезинфекција. Интересно е, што превозот на работниците се одвива со пет автобуси, а нјаголемиот број вработени поединечно патуваат со сопствени возила.

Во Битола, досега се разболени 22 лица од Ковид- 19, а двајца починале. Во моментов, во Клиничката болница има само четири лица, а шеснаесет се излечени. И покрај тоа што тука нема кластери, сепак, во текот на овој месец, забрзано се работи за поготвување на лабораторијата на Центарот за јавно здравје во Битола, за тестирање од корона вирусот. Опремата и апаратите во вредност од 2 милиони денари, од Германија  ги обезбеди “Кромберг и Шуберт“, а останатиот износ ќе гои дополни Општината.

Петар Стефановски