Корона вирусот главна тема во кампањата за изборите во Сад

До претседателските избори овде во Соединетите Држави остануваат уште осум дена. Пандемијата со корона вирус е во фокусот на кампањата, а пораките кои на оваа тема ги испраќаат Доналд Трамп и Џо Бајден се сосема различни.

Кандидатот од Демократската Партија, Џо Бајден, најави дека доколку тој победи на изборите ќе се залага за задолжително носење на маски на низ целата земја, но бидејќи одлуката за ова може да ја донесат единствено гувернерите, рече дека би разговарал со секој од нив поединечно во обид да ги убеди, па дури ако треба би зборувал и со градоначалниците. Тој постојано потенцира дека носењето маски спасува животи.

Од друга страна Доналд Трамп го критикува Бајден велејќи дека неговиот противкандидат зборува само за Ковид-19. Тие зборуваат само за Ковид зашто сакаат да го исплашат народот, а ние толку добро се справуваме со пандемијата, порача актуелниот претседател на митинг во сојузната држава Флорида. Во Пенсакола пред насобраните поддржувачи од кои само мал дел носеа маски, Трамп рече дека сака враќање во нормала и дека тоа веќе се случува.

Критичарите велат дека ваквите настани поттикнуваат ширење на вирусот и се во спротивност со федералните препораки и локалните регулативи за социјално дистанцирање.

Од друга страна Трамп продолжува да го брани начинот на кој неговата администрација се справува со вирусот велејќи дека земјата има една од најниските стапки на смртност во светот. Без да открие детали, претседателот викендов порача – ќе ја искорениме пандемијата и, цитирам, еднаш за секогаш ќе го поразиме ова кинеско зло.

Во САД досега се регистрирани над 8.6 милиони случаи на корона вирус, а од нив над 225 илјади се починати. Експертите предупредуваат дека бројот на нови инфекции ќе продолжи да расте со доаѓањето на постудено време.

Инаку анкетите на национално ниво покажуваат дека Бајден е во предност пред Трамп, но поради компликуваниот изборен систем во САД, победникот зависи од гласањето во поединечните клучни сојузни држави.

Иако изборите се наредната недела речиси 60 милиони Американци веќе гласале, две третини од нив тоа го направиле по пошта а една третина и лично.

За Алфа од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста