Корона состојбата алармантна- Пендаровски не гледа причина да го свика Советот за безбедност

Загрижувачката корона состојба во Македонија не е причина за претседателот  Стево Пендаровски да го свика Советот за безбедност. Додека секојдневно се рушат негативни рекорди по бројот на новозаразени, и за жал починати од коронавирусот, Пендаровски цени дека не требало да се свика седница на највисокото советодавно тело во државата. За Алфа од неговиот кабинет, велат дека седница на Советот ќе биде свикана, кога шефот н а државата ќе проценел дека такво нешто е потребно.

-Претседателот Стево Пендаровски продолжува со активна координација со сите надлежни институции. Претставници од Кабинетот на претседателот се дел и од работата на Централниот кризен штаб. Советот за безбедност заседава секогаш кога е потребно, согласно проценките на претседателот, а во контекст на пандемијата на КОВИД-19, седница на Советот ќе биде свикана кога за тоа ќе има проценка дека е потребно, велат од кабинетот на Пендаровски.

Неговите членови својата последна седница ја одржаа пред повеќе од еден месец, односно на 23 септември, кога ситуацијата со корона пандемијата далеку побезболна од денешната.

А покрај претседателот желба за дискусија на оваа тема нема ниту кај власта. Веќе неколку пати беше одбиен предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за формирање на нова комисија која ќе се справува со корона кризата. Сега покрај најголемата опозициска партија со вакво барање излегоа уште две парламентарни партии, коалиционите партнери Алијанса за Албанците и Алтернатива.

-Во комисијата ќе членуваат барем за сега 11 лица од кои дел ќе биде самиот Министер за здравство, претседателот на штабот за кризи и врвни лица, лекари кои имаат врска со пандемија и заразни болести, вели Сурија Рашиди од Алијанса на Албанците.

Корона состојбата која за Владата беше под контрола, очигледно и не е. Бројките на новозаразени и починати и од ковид 19 во Македонија се меѓу најлошите на светско ниво.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста