Корона кризата ја разгорува политичката битка во САД

Во САД коронавирусот стана дел од политичката битка во пресрет на претседателските избори кои треба да се одржат во ноември. Доналд Трамп ги поддржува протестите во повеќе сојузни држави кои имаат гувернери од противничката, Демократска Партија. Неговите поддржувачи велат дека тој има право да го каже своето мислење, а критичарите сметаат дека го користи вирусот за да добие политички поени.

Пенсилванија, Висконсин, Мичиген. Демонстрантите кои во повеќе сојузни држави бараат укинување на мерките за свој сојузник го имаат Претседателот Доналд Трамп.

Забележав дека има многу протести и мислам дека некои од гувернерите претераа, рече претседателот на САД, Доналд Трамп.

Повеќето од овие држави натежнуваат кон Демократската Партија, но токму тие му помогнаа на Трамп да победи во 2016-та и можеби ќе имаат одлучувачка улога во изборите и оваа година.

Поддржувачите на Претседателот велат дека тој има право да се противи на она што тие го сметаат за претерани и несоодветни економски рестрикции наметнати од гувернерите од Демократската Партија.

– Тој сака да им овозможи на сојузните држави самите да одлучат за рестрикциите, но тоа не значи дека нема да ги критикува оние што претеруваат, рече Ноа Веинрих, аналитичар од Фондацијата Херитиџ.

Дел од демонстрантите во Мичиген се вооружени.

Џо Бајден, најверојатниот кандидат за Претседател од Демократската Партија, ја критикуваше тактиката на заплашување што ја користат оние кои протестираат, но и остро се спротивстави на, како што вели, поттикнувањето нетрпеливост од страна на Доналд Трамп.

Критичарите на Претседателот велат дека неговиот неконзистентен одговор на пандемијата, најпрвин им даде одврзани раце на сојузните држави а потоа ги критикуваше нивните гувернери, има за цел да ја оттргне вината од него за начинот на справување со кризата.

– Ако тој во суштина може да се подели, да се оддели себе си од гувернерите на овие сојузни држави, особено од партиски неопределените држави како на пример Мичиген, и ќе може да рече погледнете, виновни се гувернерите за економската стагнација. Да ги обвини нив, рече Капри Кафаро, аналитичар од Американскиот Универзитет.

Соединетите Држави имаат најмногу случаи на коронавирус во светот, речиси 1.6 милиони. Досега починаа над 94 илјади луѓе.

Кризата ја запре и националната економија, милиони останаа без работа. Поради ова Претседателот притиска за отворање и покрај загриженоста на здравствените експерти дека земјата се уште нема капацитет за масовно тестирање и следење за да ја контролира пандемијата.

Политичките аналитичари кои се критички настроени кон Претседателот велат дека неговата стратегија е непромислена зашто поттикнува протести и масовни собири кои можат дополнително да придонесат за ширењето на вирусот.

– На едно ниво тој вели, знаете, изберете ме повторно зашто можам да ја опоравам економијата. На друго ниво тој вели, знаете не можев да ги менаџирам сојузните држави и гувернерите многу ефикасно, рече Метју Далек, од Универзитетот на Џорџ Вашингтон.

Сите 50 сојузни држави започнаа со делумно отворање на своите економии, но дел од нив веќе имаат нагорен тренд на ново заразени.

Сето ова само ја зголемува неизвесноста за исходот од претседателските избори кои треба да се одржат во ноември.

За Алфа од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста