Корона хаос во градинките – зошто отворија без повторен скрининг на вработените?

Трите позитивни случаи на Ковид 19 во три детски градинки во земјава го вклучија алармот – избрзаа ли надлежните со одлуката за отворање на градинките без да се направи скрининг? На ова алармираа и родители преку социјалните мрежи, но тогаш надлежните смируваа оти немало место за паника.

Министерот за здравство Филипче, една седмица пред да се отворат вратите за згрижување на дечињата рече оти согласно моменталната епидемиолошка состојба тестирање на вработените во градинките не било потребно.

„Сега во оваа ситуација сметам дека е сосем доволен алгоритмот по којшто се движат епидемиолозите и задолжителното придржување до превентивните мерки како една универзална форма којашто значи спречување на ширењето на вирусот односно дека тестирање во таа смисла исто како што тогаш беше направено, сега не е индицирано од страна на епидемиолозите“, рече минатата недела министерот за здтавство, Венко Филипче.

Како здравствените власти ќе се справат со ново настанатата ситуација, од Министерството за здравство за сега нема одговор.

Првиот сомнителен случај на корона вирус се појави уште во средата. Тогаш портите на градинката „Рахилка Гонева“ во Свети Николе остана затворена, а околу 150 дечиња наместо да влезат во занималните, седат дома.

Позитивна е и негователка во скопската градинка „Раде Јовчевски Корчагин“. Таа од средата воопшто не била на работа, ниту пак имала контакт со прием на деца кога градинката започнала со работа. Според епидемиолошката препорака, ако денеска не се пријават вработени со симптоми, градинката ќе продолжи со работа.

Но, пет дечиња од битолската градинка „Коца Василева“ од вчера се во самоизолација, откако нивната негователка добила тест позитивен на Ковид 19. Во домашна изолација се ставени уште три воспитувачки и две негователки од оваа градинка.

Единствениот скрининг кај вработените во градинките беше направен во јуни – тогаш надлежните планираа да ги отворат установите за згрижување на деца од предучилишна возраст но се пишманија откако епидемиолошката состојба во земјата значително се влоши, а здравствените власти почнаа да бележат троцифрени бројки на заболени од вирусот.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста