Корона хаос во градинките и училиштата

Корона вирусот со голема брзина се шири помеѓу учениците и децата во пред училишна возраст.  Расте бројот на сомнителни но и на позитивни случаи во повеќе градинки и училишта низ земјата. Алфа дознава дека една воспитувачка од градинката „Орце Николов“ во населба Карпош 2 е заразена од Ковид 19 и поради  цела група дечиња на возраст од 4 и 5 години е испратена во изолација.  Родителите потврдуваат дека ги контактирал доктор за да ги извести за изолацијата на детето, а од градинката молк од утринава на повиците и пораките од Алфа. За ситуација сведочи и однесување на вработени во градинката, каде отидовме да побараме одговор.

Потврда или демант побаравме  и од општина Карпош, како надлежна институција за градинката, но и од таму молк.

Расте бројот и на првачиња кои завршуваат во изолација во основно училиште Гоце Делчев во скопски Центар . Уште 22 првачиња распоредени во две паралелки се во изолација од денеска, откако вчера 17 првачиња останаа дома откако нивната наставничка доби позитивен тест на корона вирус. Мајка на едно од првачињата, која е и наставник во училиштето, иако веќе неколку дена имала симптоми на корона вирусот, и не одела на работа, сепак детето го носела на настава, информираат од општината. Директорката, пак тврди дека ниту наставничката ниту детето не се појавиле во школо од 2 октомври.

Дополнително, од синоќа во изолација се 10 ученици од второ одделение во ОУ „Кочо Рацин” во Општина Радовиш, откако нивен соученик е позитивен на Ковид-19. Има уште три деца позитивни на вирусот , едно во тетовското училиште ОУ „Адрија Савески Ќиќиш“, едно дете во ОУ „Ванчо Прке“ од Штип, и едно во „Кирил и Методиј“ – Кочани.

Од МОН информираат дека од стартот на учебната година досега во изолација се вкупно 53 ученици и 8 наставници. 

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста