Корбин: Ќе направам се за да спречам Брегзит без договор

Пред состанокот со британските пратеници, со кои треба да разговара за тактиката за избегнување Брегзит без договор, лидерот на опозициската Лабуристичка партија Џереми Корбин порача дека ќе направи се што е потребно за да спречи Велика Британија да ја напушти ЕУ без договор.

Корбин предупреди дека излез од ЕУ без договор ќе ја остави Британија „на милост и немилост на претседателот на САД Доналд Трамп и американските корпорации“.

– Борбата за спречување Брегзит без договор не е борба меѓу оние кои сакаат да ја напуштат ЕУ и оние кои сакаат Британија да остане членка, наведува Корбин.

Тој додава дека се води борба на мнозинството против малцинството, кое нелегално ги користи резултатите од референдумот, со цел оние кои се наоѓаат на врвот да бидат уште побогати и помоќни.

Корбин денеска ќе се сретне со лидерите на опозициските партии и ќе разговара за начините да се избегне Брегзит без договор.