Копи – пејст здравство, протоколот за „Ивермектин“ целосно препишан од шест месеци стара колумна

„Копи – пејст“ протокол за лекување на ковид пациенти со евтиниот лек Ивермектин“ . Матични доктори обвинуваат дека од Лекарската комора добиле скандалозно и сомнително упатство за употреба на лекот Ивермектин кое било украдено од научно, немедицинско списание. Доктор Ненад Лазаров вели оти дописот без потпис и печат од службено лице им бил доставен само на дел од матичните доктори, не на сите.

„Јас се уште верувам дека е ова некоја скриена камера или некоја шега бидејќи текстот кој што беше дисперзиран од официјални мејлови на Лекарска комора и позади кој што текст на жалост денеска и МИнистерството излезе со соопштение дека е официјален протокол е всушност чист плагијат. Не може ни плагијат да се нарече бидејќи кај плагијаторството барем еден дел има авторски на новиот автор, овде збориме за копи пејст. Текстот како текст содржината е коректна, нема медицински невистини во тој текст, меѓутоа не кореспондира со насловот на тој протокол бидејќи во документот кој ни е пратен нас како матични доктори стои дека се работи за стручно мислење на стручниот колегиум на Пулмологија“, вели Лазаров.

Лазаров се надева дека ниту еден од неговите колеги терапевтскиот третман на своите ковид позитивни пациенти, нема да го темели на еден ваков, како што вели, несериозен и непрофесионален допис од надлежните институции.

„Инсистираме на еден протокол кој ќе има потпис и печат и кој што ќе биде официјален документ дали на Министерството за здравство врз база на стручен колегиум, напатствие со кое и ние како лекари ќе бидеме заштитени, првенствено зошто и како ќе го даваме тој лек, а најбитно од се е да бидат безбедни пациентите“, додава тој.

Алфа за ова став побара во Лекарската комора од каде бил испратен документот, но оттаму ни одговорија дека тие само го препратиле она што го добиле од Клиниката за пулмологија. Од Пулмологија, пак, во одговор на новинарско прашање велат дека стојат зад препораките во кои случаи и во какви дози да се користи лекот , бидејќи воведот за тоа што преставува Ивермектин бил универзален и постоел уште од 80- тите години на минатиот век.

Кои доктори од стручниот колегиум стојат потпишани зад протоколот и кога тој бил изработен прашавме и во Министерството за здравство. Оттаму ни одговорија дека мислењето за протоколот до кабинетот на министерот стигнало од доктор Дејан Докиќ, координатор на ковид центрите при интерните клиники. Од здравство велат дека имале целосна доверба во стручната експертиза и поради тоа бил испратен до матичните доктори.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста