Копај – прекопај, и кога треба и кога не треба, Скопје наликува на градилиште, граѓаните нервозни

Копај – прекопај, и кога треба и кога не треба. Главниот град наликува на градилиште. Центарот на Скопје, околните населби и индустриските зони се затрупани во ѓубре поради раскопаните улици кои никако да се направат како што треба. Граѓаните нервозни, возачите збунети и револтирани. Се жалат дека ги искршиле колите. Велат дека ова не личело на ништо, и прашуваат кој ќе им ја покрие штетата.

  • Ги искршивме колите, катастрофа, сега одам на сервис, да видам што ќе ми кажат за ова. Стварно е срамота, и кој знае што ќе се случува во иднина, се жалат граѓаните.

Ваквата слика секојдневно може да се види и на излезите од Скопје, каде сообраќајот се одвива отежнато. Градежните работи на „Јадранска магистрала“ траат веќе извесно време. Илјадници луѓе секојдневно мака мачат како да стигнат дои своите работни места во зоната во Визбегово.

Дупка до дупка, затрупување, па повторно копање. Надлежните градат без никаков план. Реализацијата речиси секогаш доцни. Граѓаните и бизнисите нестрпливо чекаат нова инфраструктура, но никако таа да се оствари.

Дека сликата е лоша се жалат и бизнисмените, кои секојдневно мора да ја возат оваа улица полна со дупки.  

  • Редно време е некој нешто да преземе. Конечно. Лошо е што ова е веќе долг период го има кај нас, да се надеваме дека ќе се направи нешто периодов и конечно ќе се санираат проблемите, велат граѓаните пред камерата на Алфа.

Поставување водовод неколку месеци, па канализација, па којзнае што, важно дупките стојат со месеци. 

Скопскиот градоначалник, пак моли за разбирање на граѓаните, но не кажува зошто не нашле трајно решение да се оспособат улиците за нормален сообраќај.

Дека потфрлија капиталните инвестиции признаваат и од власта. Се правдаат дека морало да има кратење, поради пандемијата, која ги јаде парите за капиталните проекти, но тоа не смее да е оправдување за неажурноста на државната администрација.

Само во првите седум месеци од годинава, потрошени биле само 37% од планираните пари за инвестиции за целата година.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста