Претседателот на ВМРО ДПМНЕ во Могила поднесе оставка – политичка местенка или кражба на дрва?

Координаторот на Општинската организација на ВМРО ДПМНЕ во Општината Могила Оливер Ристески, после скандалот од пред четири дена, кога беше фатен со неговите комшии од полициска патрола и обвинет за крадење дрва, денеска си поднесе оставка. Тој  ни рече дека таков настан не се случил и дека претставува политичка местенка. Правдата ќе ја докажува низ кривично- правна и судска разрешница, но сега не сака да и прави штета на партијата.

“Ме погоди хајката организирана од политички неистомисленици против мене како претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ, а втора работа, во делот на хајката, на министерот за внатрешни работи му наметнаа изјава да каже како што сработиле во СВР Битола, но не е сработено како што треба и не е точно напишано во Билетенот. Од тие причини, не сакајќи да и наштетам на партијата, си давам неотповиклива оставка од функцијата претседател на ОО на ВМРО ДПМНЕ во Општината Могила и останувам до крај на располагање на мојата матична партија” – рече Оливер Ристески.

Ристески рече дека во овој полициско- шумарски рашомон, кај лозјето над неговото село Д. Српци,  неколку часа од полицијата биле задржани заедно со комшиите, меѓу кои имало и две бремени жени.

“Излеговме на патот и наеднаш полиција имаше, не запреа и не натераа да слеземе од возилото. Ние носевме алати кои требаше да го копачам старото лозје. Другите комшии кои беа позади мене, исто си идеа од режење лозје со “Лада Нива“ , сопругата на комшијата, ќерката бремена и снаата бремена. Ги извадија од колата како да се терористи. Не држеа од 12 и 40 до три пол часот на патот” – рече Ристески.

Од полицијата велат дека имало кражба на дрва и дека во време на полициски час, инволвираните биле фатени без дозвола, а неселективноста на настанот вчера ја потврди и министерот Чулев.

“Конкретниот настан е заведен во полицискиот билтен. За истото, јавноста е информирана преку медиумите и дополнително, не би сакал да навлегувам во политичката припадност на лицата што го сториле настанот. Претходно напоменав, МВР постапува неселективно спема сите граѓани што го кршат законот, па така и во конкретниот случај” – рече на вчерашниот прес министерот Чулев.

Според полициската верзија, Ристески и уште две други лица, биле фатени од шумарот како влечкаат дрва од кај врвот Древеник и веднаш ги пријавил на полиција, која потоа ги фатила кај неговото лозје, но не нашле дрва. Координаторот, пак, го тврди спротивното- дозвола не им требало оти биле во атарот на селото и го копачеле лозјето. Од ВМРО ДПМНЕ рекоа дека ќе биде избран нов координатор, а досегашниот правдата ќе  ја докажува во судска постапка.

Петар Стефановски 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста