Контроверзната реформа на Владата предизвика паника во јавната администрација

Страв и паника меѓу административците по најавеното префрлање на вработени од јавниот во приватниот сектор. Отсуството на детали како би се одвивал целиот процес ги вознемири – дел од нив велат дека се плашат оти сето ова на крајот ќе се сведе на политички реваншизам.

„Никој ништо ни нема кажано, викаат дека ќе биде доброволно ама не им верувам. И досега се соочувавме со притисоци ама ова е капак на се“ сведочи вработен во јавниот сектор кој плашејќи се за своето работно место сака да остане анонимен.

Од синдикатот пак велат дека добиле уверување од надлежните оти целиот процес ќе се одвива безболно, но не знаат точно како и кога.

„Нема да бидат понудени на приватниот сектор неработниците туку оние кои се незадоволни од платите, но се предвидува да се бара гаранција од приватникот за висината на платата и други гаранции“ изјави Пеце Грујовски, синдикат на УПОЗ.

Надлежните се уште прават анализи – извесно е единствено дека приватниците кои ќе преземат административци би добиле субвенции, а државата би ја плаќала и нивната преквалификација.

Но, паралелно со ваквите најави продолжува полнењето на јавниот сектор. Само во моментов има објавено 30-на огласи за пополнување на 100-на работни позиции.
Покрај десетината советници кои ги има, канцеларијата на премиерот повторно вработува – бара референт за протокол, помлад соработник за координација на активности меѓу компании и институции, советник за нормативно – правни работи.

Огласи има распишано и републичкото Собрание кое бара 16 службеници, а вработуваат и Министерствата за економија, за локална самоуправа, за образование, за труд и социјала, повеќе клиники и јавни претпријатија.

Новото јавно претпријатие АД Градски енергетски системи најави дека ќе земе кредит од еден милион евра за да вработи 110 луѓе.

Во последните две години јавниот сектор се зголемил за 8.300 вработени, од државниот буџет плата земаат над 130.000 луѓе.

Во оваа бројка не влегуваат оние со договор на дело, оние кои се ангажирани преку агенциите за привремени вработувања како ни избраните и именувани функционери – пратеници, министри, заменици министри, градоначалници, претседатели и членови на државни комисии, на управни и надзорни одбори, директори, судии, јавни обвинители.

Никола Крстиќ