Контроверзната наставничка од „Љубен Лапе„ им се заканувала и на родителите

Од децата, сега се префрли на родителите. Наместо да добие отказ или да им се извини на учениците, контроверзната наставничка по математика од училиштето „Љубен Лапе„ вчера им се заканувала и на родителите. Неофицијално, таа дури и повикала полиција откако децата со поддршка на своите родители го бојкотираа нејзиниот час. Дали полицијата навистина интервенирала засега не се знае.

Во меѓувреме, Државниот просветен инспекторат денеска почна да врши увид во работењето на наставничката Анита Костовска поради недолично однесување, кое родителите тврдат дека трае цели 7 години. Проблемот со наставничката е и причина што вчера директорката си поднесе оставка и сега решението ќе треба да го бара новиот в.д директор поставен од Општината. Поранешната директорка Маријана Панчевска и денеска се правда – премногу енергија вложила во решавање на овој проблем.

Поднесов оставка од лични причини, премногу енергија вложив во решавањето на овој проблем, и на крајот сепак не успеав да го решам.  Сепак, сметам  дека бојкотот на настава не е соодветен начин да се решаваат проблемите, местото на учениците им е на час, вели Панчевска.

Го конткатиравме и министерот за образование Јетон Шаќири, дали наставничката ќе биде разрешена и дали ќе превземат мерки за вакви случаи да не се повторуваат, но до сега не добивме одговор. 

Родителите вчера јавно прозбореа за долгогодишниот проблем. Наставничката  психофизички ги малтретирала учениците. Ги навредувала и не им дозволувала да излезат од училница дури и ако имале физиолошки потреби. Многу пати барале од поранешната директорка но и другите институции да се реши проблемот но попусто. Вчера во оваа битка која е заглавена во институционалните лавиринти се вклучи и Општина Аеродром, а градоначалникот Тимчо Муцунски уверуваше дека ќе се направи се што е во нивна надлежност да се реши проблемот.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста