Конститутивна седница на новоизбраното Претседателство на БиХ

Претседателството на Босна и Херцеговина денеска ќе ја одржи својата конститутивна седница на која новоизбраните членови на ова тело ќе положат свечена заклетва за стапување на функцијата.

На изборите одржани минатиот месец беа избрани тројца нови членови на Претседателството на БиХ – Шефик Џаферовиќ, како претставник на бошњачкиот народ, Милорад Додик на српскиот и Жељко Комшиќ на хрватскиот народ.

Согласно Деловникот за работа на Претседателството, со телото во следните осум месеци ќе треба да претседава претставникот на народот според ротацијата од претходниот состав, освен ако неговите членови со консензус не решат поинаку.

Според редоследот на ротација на претсадавачите, со Претседателството сега треба да претседава претставникот на српскиот народ, односно Додик.

Инаку, Додик вчера положи заклетва како член на Претседателството на БиХ пред пратениците на Собранието на Република Српка. Ова е прв случај српскиот претставник во Претседателството на БиХ да полага закетва пред Собранието во Бања Лука.