Конституирано собранието, почнуваат преговорите за обезбедување мнозинство

Конституиран новиот парламентарен состав под посебни здравствени протоколи. Верификуван е мандатот на новите 120  парламентарци.

Во новиот состав има нови и свежи имиња, но и стари и докажани кадри. Во собраниските клупи ќе гледаме професори,лекари, оперски пејачи, правници. Највозрасниот пратеник, 72-годишниот Илија Николовски од СДСМ , е пензиониран генерал, а најмладиот, 23-годишната Артина Ќазими од Алијанса за Албанците/Алтернатива е студентка. Двајца пратеници се со средно образование.

Претседател на Собранието  не беше избран бидејќи се уште нема парламентарно мнозинство . Од денеска почнува да тече рокот од 10 дена кој го има претседателот Пендаровски за да го додели мандатот на оној кој ќе обезбеди мнозинство во Парламентот.  Иако изборите се брзаа под изговор дека на Македонија и се потребни функционални институции останува се уште не јасно зошто се чекаше последниот ден за да биде закажана седницата.

Лидерите на партиите најавија дека официјално ги почнуваат преговорите за нова Влада. До почетокот на септември треба да биде составена новата влада која има обврска да поднесе до Парламентот програма за работа.

И Мицкоски и Заев влегуваат во трката со оптимизам. Лидерот на СДСМ вели дека сите опции се отворени, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се фокусира на состав на нова реформска влада која ќе се справува со корупцијата.

Заев одбегна прецизно да одговори дали и натаму стои на ставот дека интегративците треба да одат во опозиција и дали гласот на Албанците вреди пет банки.

„Да оставиме времето да покаже со кого ќе можеме да направиме коалиција, односно парламентарно мнозинство што ќе ја сочини Владата. Граѓаните преку гласањето ги даваат правците и очекувањата, коалицијата предводена од СДСМ може да формира Влада и со ДУИ и со Алијанса и со Алтернатива, зависи од отстранувањето на национализмот, зависи од цело едно поглавје за разработка на прочистување на правосудството, проверка на имотот, капиталот на секој политичар и функционер којшто ќе биде избран, кадровскиот потенцијал пред се за правните аспекти но и за економските аспекти на државата, истакна Зоран Заев – претседател на СДСМ

Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ пак вели дека тие штом завршиле изборите започнале со планови и преговори со дел од политичките партии, а наредниот период ќе ги засилат контактите.

ВМРО-ДПМНЕ во изминатиов период, но и во периодот кој што претстои ќе биде силно фокусирано во формирање на ново парламентарно мнозинство, што ќе поддржи Влада која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, Влада која што вистински ќе се справи со предизвиците кои што ги споменав, а не Влада која што ќе фингира справување и од предизвиците ќе создава уште поголеми предизвици, само за да може одговорноста да ја префрли на друг. Но, што и да се случи во преговорите кои што ќе ги води ВМРО-ДПМНЕ и кои што ги водеше во деновите кои што се пред нас, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои што ќе бидат дел од овој парламентарен состав ќе бидат фокусирани исклучиво во предлози кои што ќе значат вистинска борба против криминалот и корупцијата, нешто што претставува исклучителен предизвик за сите политичари, бидејќи на овие избори граѓаните силно збореа и силно говореа дека довербата во политичките елити како никогаш досега во овие 30 години независност е на најниско ниво. Затоа мора под итно да покажеме и да докажеме на дела вистински како да се справиме со криминалот и корупцијата која што навистина зема сериозни размери во нашето македонско општество, рече Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме низ собраниските ходници  се шпекулира дека Беса која има 4 пратеника и ДПА која освои 1 претеник размислуваат да формираат посебна пратеничка група за која се потребни минимум 5 пратеници со цел да можат да имаат свои членови во собраниските комисии.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста