Констатирани пропусти при прскање против комарци во Охрид

Колку е добро приватни фирми кои ќе понудат најниска цена да прскаат против комарци? Дали треба да е клучна најниската цена при избор кому ќе му биде овозможно да прска против инсекти или пак можеби треба да се одвојат повеќе пари за да се осигура здравствената заштита на граѓаните од комарци што пренесуваат болести, а обврската да припадне на јавна установа?

Овие прашања неминовно се поставуваат откако скопјанец, во земјава се зарази со западно-нилска треска, вирус кој го пренесуваат комарци, а единствена превентивна мерка е дезинсекцијата, односно, уништувањето на овие инсекти.

Годинава при едно прскање во Охрид направено во јуни, Центарот за јавно здравје надлежен за охридскиот регион констатирал пропусти. Приватната фирма од Кавадарци не користела доволна количина на сретство за дезинсекција, а и не се покриле сите површини. Ова, од Центарот за јавно здравје го навеле во извештај доставен до локалната самоуправа. По еден месец од неуспешната дезинсекција, се прскало уште еднаш.

-Концентрацијата на растворот со кој што се прскаше не беше доволна, а не беа опфатени сите површини каде што требаше да се испрска. Говорам за јунското прскање против адолтни комарци. Подготвивме извештај каде што го наведовме заклученото, по што го испративме до општината. Второто прскање беше подобро,  вели Сашо Точко, директор на Центар за јавно здравје Охрид.

Претходно, појаснува директорот на Центарот за јавно здравје, прскањето го извршувала токму оваа државна установа, сега, само врши надзор. Тој додава оти немаат обврска за ова, туку контрола има само тогаш кога ќе побара општината.

-Надзор вршевме по барање на општината. Ние обично прскавме, но годинава во Охрид прскаше приватна фирма, вели Точко.

Во метрополата пак, каде во некои општини, жителите се жалат на зголемено пристуство на комарци, градоначалникот вели дека навреме е прскано, како и дека граѓанинот кај кого е констатирано присуство на вирусот западно-нилска трска не се заразил во Скопје, па немало причина за страв.

-Добро превениравме. Во Скопје немаме случаи, односно појава на вирусот западно-нилска треска, изјави Шилегов.

Шеесет и шестгодишниот скопјанец, кој неполни две недели се бори за живот на Инфективната клиника, сè уште е на апарати за дишење. Вирусот западно нилска треска најверојатно го фатил додека одмарал на планина, покрај езеро во земјава. Овој случај, според надлежните, засега е единствен во Македонија. Во соседна Србија вирусот западно-нилска треска веќе ја зеде првата жрва.

Сања Трајковска Ставров