Конечно се огласи Заев: Ги осудува нападите кон Мизрахи, но не санкционира

Конечно пристигна осуда од екс премиерот Зоран Заев за антисемитските напади нападите кон техничката министерка за труд и социјала, Рашела Мизрахи, но се уште без никакви санкции. Се до фејсбук статусот на лидерот на СДСМ, осуда пристигна речиси од секаде, освен од власта, а за етничкото профилирање кое е забрането во политичката комуникација во цивилизираните земји, дозна и светот. Заев порача дека неговата партија е против секаков вид говор на омраза, расизам и ксенофобија во Македонија, барем така напиша на Фејсбук.

-Во овој важен момент, а пред да започнат предизборните кампањи, ги повикувам членовите и приврзаниците на сите политички партии, вклучително и на мојата СДСМ, како и сите функционери, да бидат одговорни во јавната комуникација, да избегнуваат и да отфрлаат говор кој содржи или може да поттикнува навреди и клевети и секогаш да иницираат суштински дебати по однос на важните прашања, пиша Заев на Фејсбук.

Функционерката на СДСМ, Мерсиха Смаиловиќ, алудирајќи на етничката припадност на Мизрахи и порача да си стави давидова ѕвезда. Но, за ваквите антисемитски напади се уште нема никаква санкција од својата партија, каде е и член на Комисијата за труд и социјална политика.

Многу пожестока од Смаиловиќ беше Видана Бошкова Мицевска, која на социјалните мрежи важи за голем поддржувач на политиките на власта. Таа без никаква причина направи етничко профилирање на техничката министерка. Дел од нејзините пораки на Фејсбук, лајк добија и од Зоран Бојароски, советникот за медиуми во Владата.

-Не ми пречи што Рашела Мизрахи упаднала во фашистичка партија. Сигурно и кај нацистите во влада имало евреи кои се бореле за плата и социјални права на евреите, вели Бошкова Мицевска.

За нападите кон Мизрахи се дозна и надвор од границите на Македонија, а осуда пристигна и од Ефраим Зуроф, директор на Симон Визентал центарот за Источна Европа, кој порача дека ваквите пораки се срамни. Порака со осуда испратија и Еврејската заедница во Македонија, како и Фондот на холокаустот. Апелираат до граѓаните, институциите и политичките субјекти да се спротивстават на ширење антисемитизам и омраза по кој било основ

-Укажуваме на штетноста на ваквите појави, од која било страна да доаѓаат. Немаме разбирање за острастени политички препукувања зашто знаеме дека доведуваат до ескалации. Историјата и холокаустот постојано опоменуваат и потсетуваат дека антисемитизмот води кон назадување и деструктивност на цивилизациските и човековите вредности, права и слободи, стои во соопштението.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека нема да толерираат антисемитизам, говор на омраза на верска и национална основа кон никој. Поради тоа побараа Заев да ги разреши функционерите кои ја нападнаа Мизрахи.

Матеја Петровски

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста