Конечно почна чистењето на опасниот линдан од „Охис“

Конечно започнува долгонајавуваното чистење на малата депонија во поранешниот хемиски гигант Охис каде е складирана опасната материја линдан. Помалку од три месеци до локалните избори надлежните се фатија за работа – дали позади ова стои трка по политички поени или интересот на граѓаните за кои кругот на Охис како темпирана бомба е закана за нивното здравје? Инаку за сега нема најава за чистење на големата депонија, приоритет била малата.  

„Подготвителниот процес траеше долго, справувањето со овие жаришта бара детални истражувања на самите депонии, проценка на ризикот, реализација на обуки за професионално инволвираните, обезбедување на дополнителна лабораториска опрема за следење на влијанието врз животната средина во текот на процесот, која ја промовиравме неодамна на Институтот за хемија на ПМФ и други неопходни анализи за што е потребно многу време и големи финансиски средства“ изјави министерот за животна средина Насер Нуредини.

Линданот ќе биде транспортиран во Франција, а загадената почва во Холандија – спакувани во непропустливи кентејнери согласно Конвенцијата од Базел и ЕУ-регулативите.

Малата депонија со линдан во Охис ќе биде покриена со шатор во кој ќе се инсталираат и филтри за прочистување на воздухот, за да се обезбеди заштита на околината при чистењето на опасната хемикалија.

Од депонијата на почетокот на 2022 година треба да бидат исчистени 700 тони контаминирана почва од вкупно 7000 тони, а изведувач ќе биде компанијата „Полиеко“. За овој процес Кралството Норвешка донираше 1,5 милиони евра, Владата учествуваше со 1,7 милиони евра. 

Се надеваме дека и во иднина преку повеќепартнерскиот фонд за заштита на животната средина ќе успееме да привлечеме и други партнери и организации да ни се приклучат, а ние навистина сме среќни што еве денеска конечно започнуваме со расчистувањето на малата депонија – изјави Стефан Сандста – секретар на Амбасада на Норвешка.

Охис со децении е закана за животната средина и здравјето на Скопјани. Граѓаните се сведоци на низа скандали изминативе години после кои стравуваа за нивното здравје. Еден од нив е излевањето на цистерната во дворот во која што претходно бил складиран отровниот Метил Акрилат Мономер. По ова јавноста дозна и за супстанцијата винил-хлорид сместена во стара цистерна која според експертите е темпирана бомба. Со години алармираат и еколошките здруженија дека во почвата има високо ниво на жива.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста