Конечно датум: Ковачевски попушти, претседателски и парламентарни избори заедно во мај

Конечно датум: Ковачевски попушти, претседателски и парламентарни избори заедно во мај

Ковачевски попушти, осми мај е денот кога Македонија ќе оди на претседателски и парламентарни избори, официјализирање на датумот во текот на следниот месец. Целосно омекна цврстиот став на премиерот Димитар Ковачевски, дека двата изборни циклуси ќе се одржат во различен термин. Откако дури и коалициониот партнер ДУИ, порачаа дека се за заеднички избори, ставот мораше да го промени и лидерот на СДСМ. Во декември ќе имало лидерска во Собранието, каде ќе бил официјализиран датумот за избори, во мај наредната година.

-Планирам некаде во текот на наредниот период, бидејќи декември нуди таква можност да се одржи една средба во Собранието, на која што ќе можеме да ги дефинираме сите детали во однос на одржувањето на изборите, така како што се правело во минатото ќе биде направено и сега. И идната година Македонија ќе оди на избори, како што е пропишано со закон и со Устав, изјави Ковачевски. 

Ковачевски се уште не знае дали на парламентарните избори ќе се оди со заеднички листи и дали ќе имаат заеднички кандидат за претседател со ДУИ. Тоа ќе се знаело кога партиите ќе донеле конечна одлука.

-Тоа е нешто што е одлука на политичките партии и која што е предмет на коалициски договори, така што моментов за такво нешто не можам со сигурност да говорам, изјави Ковачевски.

Иако два пати го прашавме дали разговарал со Ахмети околу името на техничкиот премиер, кој ќе биде на предлог на ДУИ, Ковачевски реши да не одговори на ова прашање. Инаку, изборите би требало да се одржат на осми мај, тоа е едниствениот термин кога и претседателските и парламентарни избори може да бидат редовни.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста