Коморите од Западен Балкан бараат да се симнат ограничувањата од ЕУ

За сите земји од регионот да нема ограничување на извозот на заштитна медицинска опрема од европските земји, бараат стопанските комори на шесте земји од Западен Балкан. Во услови кога пандемијата на корона вирусот предизвикува сериозни последици за економиите, коморите се во постојана комуникација со нивните влади и деловните заедници, со цел да го идентификуваат и анализираат влијанието на пандемијата и да предложат соодветни мерки за помош на компаниите.

– Едно од клучните прашањата коешто ги засега земјите од регионот е ограничувањето на извозот на заштитна медицинска опрема од европските земји. Здравствените системи во земјите од Западен Балкан се генерално послаби во однос на ЕУ, најмногу како резултат на недостаток на јавни средства и не толку силни економии. Покрај тоа, во регионот не постојат и доволно овластени производствени капацитети за да се премости јазот помеѓу побарувачката и понудата, велат од Стопанската комора на Македонија.

Овие мерки, според коморите се важни не само за помош на здравствените системи во земјите од Западен Балкан, туку и за поддршка на производствените капацитети за продолжување со работата. Сега, компаниите немаат доволно заштитна опрема за вработените, или пак залихите се многу намалени што во спротивно ќе доведе до затворање на производството.

Од причини што надворешните граници на ЕУ го опфаќаат и Западен Балкан побарано е од Европската Комисија итно да се земе предвид и можноста за дозвола за пристап до „зелените коридори” на компаниите.

– Протокот на стока, особено на приоритетни продукти како што се прехранбени производи, лекови, медицинска опрема – не смее да се прекине во ова кризно време. Транспортот на стоки од примарно значење треба да има приоритет во однос на другите стоки преку „зелените коридори” каде што протокот на сообраќај мора да тече непрекинато. Увозот на репроматеријали и суровини од ЕУ, потребни за производство на производи од примарно значење, е подеднакво важен за одржување на капацитетите на компаниите од регионот, и истиот треба да биде вклучен во системот на „зелени коридори”, велат од Стопанската комора на Македонија.

Домашните компании се соочуваат со многу предизвици при испорака на потребните производи до партнерите во ЕУ.

Возачите на камиони имаат проблеми при испорака на стоки, заради различни режими за карантин на внатрешните и надворешните граници на ЕУ. Од тие причини, според Стопанската комора, бара подготвеност целосно прилагодување и почитување на европските правила, како што се преминување на границата со валидна интернационалана дозвола за превоз на стока, возачите редовно да се тестираат, но и да одржуваат лична хигиена и дезинфекција на камионите.

Борис Грујоски

Advertisements