Комисијата за заразни болести утре ќе заседава за кафеаните и отварање на границите

Газдите на кафулињата и рестораните со нетрпение ја очекуваат утрешната седница на комисијата за заразни болести на која очекуваат конечно да и се препорача на владата да им се даде дозвола да ги отворат вратите за гости. По неколку неделните најави, последната информација за нив е дека веќе од задутре може да им се даде дозвола да работат, но под строги услови. Оптимизмот го темелат и на изјавата на министерот Филипче од мината недела дека веќе од оваа ќе дојде до олабавување на мерките, во кои спаѓа и отварањето на кафулињата и рестораните.

Дел од порталите  веќе објавуваат протоколи за работа на кафулињата, иако тие не се официјални.

Протоколите предвидуваат ограничено работно време до 18 часот, да работат само отворените делови односно терасите, ограничување на бројот на гости по четворица на маса, растојание од маса до маса од најмалку, една маса да не зафаќа помалку од 9  квадрати, задолжително користење на дезинфикциони срество, но и посебен персонал кој треба да се грижи за хигиената – се дел од мерките кои се вбројуваат во протоколот. Забраната за организирање прослави, веселби и родендени најверојатно ќе остане и понатаму.

Од туристички-угостителскиот  сектор веќе реагираа, дека во зависност од тоа кога ќе почнат со работа, откази им се закануваат дури на 20 илјади работници.  Овие компании ќе имаат и огромни загуби кои се проценуваат на најмалку 250 милиони долари а може да достигнат и до 80 проценти од очекуваниот промет или енормни 400 милиони долари.  Алармираат дека 67 проценти од испитаниците на последната анкета на овој сектор го намалиле бројот на вработени поради кризата, а дури половина од фирмите имаат пад на приходи меѓу 80-100 проценти, што е загрижувачки.

На утрешната седница на комисијата се очекува да се разговара и за можното отварање на границите, односно како би се одвивало патувањето надвор од државата. Иако  министерот Филипче предходната недела неколку пати истакна дека е рано за отварање на границите, сепак спомена  дека тоа може се очекува кон средината на јуни. Македонија е единствена земја од соседството која се уште нема никаква одлука околу отворање на границите. Србија, Албанија, Бугарија и Грција веќе најавија дека тоа ќе го направат од 1 јуни.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста