Комисијата предлага разрешување на Катица Јанева

Строги безбедносни протоколи за извештајот за Катица Јанева. Содржината на класифицираните документи кои денеска ги разгледуваа пратениците во матичната Комисија за избори и именувања наложи сите уреди за снимање да бидат исклучени. Надвор од салата останаа и мобилните телефони на членовите. Тие, по два часа работа, едногласно и без дискусија, со 13 гласови „За“ одлучија да го поддржат предлогот за разрешување на шефицата на СЈО. Според претседателот на Комисијата, документот содржел доволно аргументи за да ја донесат оваа одлука.

„Документот содржи доволно аргументи за да го утврдиме предлогот на Советот на јавни обвинители за разрешување на Катица Јанева, едногласно и без дискусија“, вели претседателот на Комисијата, Илија Димовски.

Од владејачката СДСМ велат разочарани биле од постапките на специјалната обвинителка, но сепак, според нив вината била индивидуална, а не на целата институција.

„Вината е индивидуална, а не колективна. Ако еден се огрешил од законот, не може да и се суди на цела институција“, вели пратеникот од СДСМ, Мухамед Зекири.

Извештајот на матичната Комисија сега треба да влезе на пленарна седница во Парламентот каде за разрешување на Јанева ќе бидат потребни 2/3 и Бадинтерово мнозинство. Потоа, одлуката донесена во Собранието ќе биде вратена пред Советот за јавни обвинители.

Биљана Божиновска