Комисијата предлага нови мерки – угостителите незадоволни

Од овој петок па до 21 Јануари рестораните, кафулињата и кафеаните да ставаат клуч на врата во 18 часот е новиот предлог на Комисијата за заразни болести кој ќе биде доставен до Владата. Угостителите лути и разочарани од одлуката, бидејќи тие имаа сосема поинакви предлози и ниту еден од нив не беше прифатен од Комисијата.

“Она што се плашевме, тоа и навистина се случи. Ние денеска бевме само гости. Ниедно од нашите барања не само што не беше разгледано, дискутирано, дебатирано или овозможено понатамошна дискусија, сите барања претпоставувам дека беа отфрлени ад хок затоа што решението за денешното затворање, односно ограничување на угостителските објекти беше донесено пред време. Денеска беше едноставно само фарса пред јавноста и пред Комората, на некој начин да се укаже дека одлуките, што наумиле и ќе ги носат без разлика на реалноста и ефектите што тие ќе ги предизвикаат” – рече Здравко Јосифовски.

Стопанствениците за поригорозните мерки посочуваат дека би биле погубни за домашната економија која влезе во рецесија, и бараат целосно обештетување за штетата која им ја правела владата со ваквите одлуки.

Забрана за прослави на плоштади и во фирми, забрана за верски собири се останатиот дел од сет мерките. Препораката се однесува и на прослави по станови и куќи, а бројката на гости и протоколите дополнително ќе бидат доставени од Комисијата.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи постојано се бараат викендици, куќи, станови за дочек на Нова година. На сите објави пишува дека се заинтересирани за објект за 10 лица, па и повеќе за престој и по два до три дена. Најголем дел од издавачите на викендици во одговорите пишуваат дека одамна се букирани и немаат повеќе слободни места претстојните празници.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста