Комисијата одлучи – нема нови рестриктивни мерки

Третиот корона бран пустоши во Македонија, бројот на новозаразени секојдневно расте, болничките капацитети се исполнети како никогаш претходно, докторите алармираат оти пикот допрва доаѓа, ама Комисијата за заразни болести не гледа причина за нови рестриктивни мерки.

„Комисијата за заразни болести ја разгледа актуелната спидемиолошка состојба и заклучи дека нема потреба од дополнитени рестриктивни мерки. Останува активна мерката полициски час од 22 часот навечер, до 5 часот наутро“, информираа од Министерството за здравство.

Стручната фела одамна алармира дека ноќниот полициски час не е доволен состојбата со вирусот да се стави под контрола. Потребно е, велат, затворање на сите угостителски објекти, казина, обложувалници и фитнес центри, па дури и строга контрола на јавниот превоз. За докторите, целосен карантин за време на викендите е единствено решение на проблемот, се додека во земјава не почне масовната вакцинација на населението.

Власта се правда оти протоколи за заштита од вирусот имало, но ваквиот став не го делат и докторите. Професоропт Никола Пановски е дециден – протокол за фрлање бидермаер на свадби има, но не и протокол за лекување на ковид позитивните пациенти.

„Не знам зошто година дена имаме протокол како да се фрлел бидермаерот, а немаме протокол како матичните да престанат да даваат непотребни и штетни лекови. Државата и Министерството не им прати на сите специјалисти протокол во кој ќе наведат дека треба да се придржуваат и во тој протокол немаше да има антибиотици, ќе имаше некои витамини кои помагаат, но не е толку битно, може и да не се пијат. Главно на оваа болест, кога луѓето се лекуваат дома е да не креваат паника, температурата трае и по две недели, главно е да се мери сатурацијата“, вели професорот Никола Пановски.

Од друга страна пак пациентите кои се лакуваат од Ковид 19 со месеци се жалат дека цените на лековите се енормни и оти лекувањето на едно четиричлено семејство чини и до 1000 евра. Покрај витаминската терапија, пациентите мораат да одвојат и по неколку илјади дeнари за крвни анализи, кои најчесто се прават привaтно бидејќи термнин во државните болници тешко се наоѓа.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста