Комбинација на докажани и свежи кадри- како ќе изгледа новата македонска Влада?

Комбинација на докажани и свежи кадри- како ќе изгледа новата македонска Влада?

Докажани, професионални, но и нови свежи кадри во новата Влада на Македонија, која ќе ја предводи идниот премиер Христијан Мицкоски. Со речиси сите најважни ресори во идниот владин состав ќе раководат министри од ВМРО-ДПМНЕ. Во внатрешни работи ќе биде Панче Тошковски, довчерашниот технички министер. Тој е дипломиран правник, адвокат со големо искуство, кој во својот технички мандат успеа да ја исполни главната цел поради која ВМРО-ДПМНЕ влезе во техничката Влада, спречување на изборна кражба. Преку социјалните мрежи Тошковски му се заблагодари на партискиот лидер за дадената можност да раководи со МВР и вети силна борба со цел побезбеден живот за граѓаните.

-Искрено благодарам на претседателот Христијан Мицкоски, како и на сите членови на Извршниот и Централниот комитет за довербата и поддршката која ми ја укажаа. Ветувам дека ќе работам неуморно за подобрување на условите за живот на сите граѓани и за обезбедување на безбедна, просперитетна и праведна Македонија, напиша Тошковски.

Со дипломатијата ќе раководи, новиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. Тој е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и профил на личност која важи за високо почитувана во Европа и светот. На социјални напиша дека на функцијата стапува со цврста решеност и посветеност да работи искучиво за интересите на Македонија и сите граѓани. Пред камерата на Алфа пред три месеци, при посета на Виена, говореше и за тоа што ќе бидат главните цели на македонската надворешна политика.

-Каква надворешна политика ќе има Македонија? Ќе има надворешна политика која што е фокусирање за остварување на опипливи резултати за својата држава, надворешна политика фокусирана на економската дипломатија, односно привлекување на странски директни инвестиции, но и негување на тие инвестиции кои што веќе ги имаме во државата, изјави Муцунски на 9-ти март годинава.

Нова министерка за финансии ќе биде Гордана Димитриеска Кочоска, актуелен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ. Таа е дипломиран економист, со повеќе меѓународни обуки. Најголем дел од својата професионална кариера има минато во приватниот сектор, а одреден период беше и директор на финасии во ЕЛЕМ. Вели свесна е за одговорноста која е пред нејзе, но потенцира дека со посветена работа секоја препрека ќе била надмината.

-Програмата по која ќе работи идната Влада на Република Македонија има голема задача, а таа е враќање на Македонија на народот. Нѐ чека многу работа и уште повеќе проблеми, празен буџет кој е лошо планиран и што уште не. Но, ќе работиме, тоа е единственото што го знаеме, затоа што секој од нас е посветен работник, напиша Димитриеска Кочоска.

Со одбрана ќе раководи Владо Мисајловски. Еден од најблиските соработници на Мицкоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, како и поранешен министер за транспорт и врски, кој важеше за доста успешен во својата работа. Преку социјаните мрежи веди дека ќе го даде и последниот за татковината со чесна и макотрпна работа за достоинствена Македонија.

-Силно ќе се заложам за подобрување на условите во македонската армија и подобрувањето на одбранбениот стандард, одбранбената готовност и модернизацијата на армијата, како и подобрување на условите за униформираниот и цивилниот кадар во Министерството за одбрана. Односите со нашите стратешки партнери да бидат уште позасилени, а армијата да биде лицето на државата која ќе сведочи за нејзината организираност, напиша Мисајловски.

Со новото Министерство за спорт, ќе раководи Борко Ристовски. Тој е и повеќе од познат на јавноста поранешен репрезентативе голман во ракомет, кој поради своите одбрани во дресот на Македонија, своевремњено од навивачите ја имаше титулата „министер за одбрана“. Тој во својата кариера бранеше за Вардар, Металург, имаше неколку интернационални ангажмани, меѓу кои и во најтрофејниот европски клуб, големата Барселона. Ветува дека ќе работи напорно за враќање на спортската гордост на Македонија и успешните резултати кои ги имавме пред само неколку години.

-Генерално во Македонија и во спортот владее корупција, владее непотизам огромен, така да мислам дека Министерство за спорт ќе биде едно решение кое што ќе донесе помал маневарски простор за оние кои се влезени во спортот за да имаат некој личен бенефит, а од друга страна ќе ги отвори портите на професионализмот, на резултатите, изјави Ристовски.

Со уште едно ново министерство- за енергетика, рударство и минерални суровини ќе раководи Сања Божиновска. Таа важи за еден од најголемите експерти и познавачи во Македонија во сегментот енергетика.

Министер за информатичко општество и дигитална трансформација ќе биде Стефан Андоновски. Тој е секретар за меѓународна политика на ВМРО-ДПМНЕ, а во последната техничка Влада беше и заменик министер за информатичко општество и администрација.

Со земјоделие ќе раководи Цветан Трипуновски, кој во два наврати беше заменик министер во техничките влади. Важи за познавач на проблемите кои ги имаат земјоделците, кои веруваат дека токму тој може многу да им помогне за подобар живот.

Вицепремиер и министер за транспорт и врски ќе биде Александар Николоски, еден од најблиските соработници на Христијан Мицкоски. Тој важи за човек со висок рецепт кај стратешките партнери на Македонија. Пред две години Бриселската групација„Пријатели на Европа“ го избра како еден од 40 највлијателни личности под 40 години во Европа.

Со Министерство за култура и туризам ќе раководи Зоран Љутков. Тој е дипломиран актер, со голем број театарски и филмски улоги.

Со локална самоуправа ќе раководи Златко Перински, поранешен директор на скопски Водовод и спортскиот центар Борис Трајковски, како и со менаџерско искуство во приватниот сектор.

Министер за односи меѓу заедниците ќе биде Иван Стоиљковиќ, долгогодишен пратеник во Собранието и претседател на српската партија, долгогодишен коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ.

Министер за образование ќе биде Весна Јаневска, која е претседателка на партиската комисија за образование, како и универзитетска професорка на медицинскиот факултет во Скопје.

Вицепремиер за политички систем ќе биде Љупчо Димовски, досегашен пратеник, поранешен министер за земјоделие и претседател на социјалистичката партија, коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ.

Министер без ресор, задолжен за интеграција на декадата на Ромите ќе биде Шабан Салиу.

Од ЗНАМ на Максим Димитриевски, доаѓаат министрите за правда и администрација, каде ќе бидат Игор Филков и Горан Минчев.

Преостанатите министерства одат во рацете на Вреди.Фатмир Лимани ќе биде за социјална политика, демографија и млади, Бесар Дурмиши за економија и труд, Арбен Таравари за здравство, Изет Меџити прв вицепремиер и министер за екологија, вицепремиер за добро владеење ќе биде Арбен Фетаи.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )