Колку се почитуваат мерките против загадувањето?!

Мерките се укинуваат, но ретко кој ги применуваше. Државни и приватни компании не ги почитуваа мерките кои Владата и Град Скопје ги воведоа против загадувањето на воздухот. Дел од градилиштата каде се ѕидаат новите станбени згради, работеа со полна пареа, а работниците беа на скеле на објектите.

И покрај тоа што градските власти дадоа препораки да не се работи на градилиштата, денеска дел од работниците беа на своите работни места.

Но во главниот град имаше и градилишта каде се почитуваат препораките против загадувањето. Таму машинеријата беше исклучена.

Градските власти се уште немаат информации колку казни се пропишани изминатиов период, односно кога загадувањето ја премина црвената линија.

Со владините мерки се предвидува сите органи на државната управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатија и општините да ја намалат до 50% употребата на службените возила. Но судејќи според големата фрекфенција останува отворено прашањето дали и тоа беше испочитувано.

Во меѓувреме се препорачува газдите да ги ослободат од работа бремените жени, лицата постари од 60 години и хронично билните лица, без разлика на возраста.

И покрај расчистувањето на воздухот Град Скопје апелира до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, да се користи јавниот превоз, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, а печките на дрва да се користат според упатствата на производителот.

Паралелно, дупло се зголемија и цените на паркирањето на градски паркинг, а тоа ќе важи до престанување на одлуката, која истекува утре.

Борис Грујоски