Колку пари и од кого ќе позајмиме за изградба на нов Клинички центар ќе се знае за околу две недели

Колку пари и од кого Владата ќе позајми за изградба на долго најавуваниот нов Клинички центар ќе се знае за околу две недели. Владата информира дека Министерство за финансии треба да започне со постапка за барање пари, а деталите од кого ќе земеме заем, ќе бидат познати откако ќе се заврши физибилити студијата, која пак, на добра волја, бесплатно, ја изготвува австриската агенција за здравство.

Според ветувањата на здравствените власти, темелите за новиот Клинички во месноста Веле Поле во општина Ѓорче Петров треба да бидат поставени до крајот на годинава. Се планира тој ќе биде на пет нивоа на вкупна површина од 102 илјади метри квадратни, ќе има околу 1.300 болнички легла, 20 операциони сали, четири ангиографски сали и 65 амбуланти за специјалистичко-консултативни дејности.

Министерот претходно посочи дека се советувале со странски фирми, од Австрија, Германија, па дури и од Американци за опцијата „готов пакет“ со клуч на рака. Државата да плати изработка на проект и изградба на болницата во едно. Сегашниот закон не го дозволува ова, па плановите ,,паднаа во вода” откако не е пронајден начин да се спакува „се во едно“, па сепак, ќе има одделни тендери, еден за изработка на проект и друг за изградба на центарот.

Сумата потребна за реализација на проектот, според претходните најави на министерот Филипче може да достигне и до 480 милиони евра.

С.Т.С