Колку ќе не чини датумот- Вархеји на средби во Софија и Скопје

Се вклучуваат ли европските „тешкаши“ во барање решение за билатералниот спор меѓу Македонија и Бугарија. Откако официјална Софија преку низа провокации сериозно ги навреди Македонците , а дополнително се закани и со одложување на ветото, Брисел го испраќа еврокомесарот Оливер Вархеји на средби со бугарските власти. За Софија утре лета и македонскиот шеф на дипломатијата Бујар Османи кој заедно со Вархеји треба да седне на маса со неговата колешка Теодора Генчовска, во рамки на форумот ЕУ и Балканот. Неофицијално Османи и Вархеји потоа доаѓаат и во Скопје.  

Засега не се објавуваат ниту точна агендата за средбите, а уште помалку за што ќе се разговара. Еврокомесарот покрај учеството на Форумот е предвидено да се сретне со целиот бугарски државен и политички врв. Од МНР официјално не ја потврдуваат посетата на Османи, но според бугарските медиуми, тој треба да се обрати на форумот со став околу користа која ќе се добие со интеграција на Унијата.

Македонскиот шеф на дипломатијата останува оптимист за преговорите со Бугарија, но тврди дека по бројните бугарски провокации и закани , Софија не го прекршува договорот, туку се правеле обиди од поединци за спуштање на облак на договореното.

– Точно е дека е ставена дамка на односите, на разговорите, на преговорите, еден облак е спуштен во сето тоа што се обидовме овие шест месеци да го изградиме за да го расчистиме да го разбистриме воздухот пред нас. Но не можам да дозволам ова да го руши процесот, порача Османи.

Бугарските челници без никакви ограничувања се закануваат до Скопје, дека не само што нема да го кренат ветото, туку и најавуваат дека во следните 10 години Македонија треба да заборави на датум за почнување на преговорите.

Каков исход ќе донесат средбите со Вархеји е нејасно,но иако Османи останува на ставот дека за Македонија бил прифатлив португалскиот предлог за надминување на проблемот, сепак Франција која е актуелен претседавач со Унијата вели дека двете земји проблемот треба да го решат билатерално…

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста