Колку ќе изнесува интервентната мерка за лозарите?

Еден или два денари по килограм ќе изнесува интервентната мерка за лозарите? Откако вчера по долги преговори, од здружението „Напредни лозари“ истакнаа дека конечно на лозарите ќе им бидат дадени дополнителни два денари за килограм предадено грозје во винарските визби, од министерството за земјоделство велат дека засега останува интервентната мерка од 1 денар. Тоа било доволно.

„Владата ќе субвенционира два денари по предадено грозје за 2019-та година. Овие мерки не се доволни за обесштетување на лозарите, но во услови на немање разбирање од страна на винарниците, ова е максималната помош од Владата“ – рече Трајче Кулев од „Напредни лозари“.

„Ова е во договор со лозарите. Половина од откупот е веќе завршен и во овој момент сметаме дека поддршката ќе може да покрие дел од трошоците. Очекуваме и винариите да направат извесни корекции во делот на шекерните единици иако, сепак, ние може само да разговараме, не и да наметнеме“ – рече министерот за земјоделство Трајан Димковски.

Со задоцнување, министерството за земјоделство им ги исплати на лозарите и парите од интервентната мерка. На сметките на над 6 илјади лозари легнаа нешто повеќе од еден милион евра. Се работи за дополнителни субвенции од 1 денар за килограм предадено грозје во винарските визби од ланскиот род.

Сепак, ова ни оддалеку не ја ублажува маката на лозарите, кои оваа година повторно имаат проблеми со откупот на грозје. Винарниците им нудат цени пониски од производните, па голем дел од нив пак ќе останат со празни раце. Лозарите бараат од Владата законски, производната цена да се постави како почетна точка во преговорите за откупната цена. Бараат фер третман и велат ,ако ова се повтори и наредната година, нема да го предаваат грозјето и нивните визби ќе останат празни.

Тања Попова