Кој шири лажни вести, Николовски или сликите со празни рафтови од маркетите? зејтин нема

Министерот Николовски смирува:

Паника не треба да има затоа што ржавата се грижи и доволно леб, јајца, масло за јадење ќе има и верувам во тоа ако сите договорно се однесуваме, рече Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Но сликата на терен се празни рафтови. И додека министерот убедува, очекува и апелира да се прекинело со лажни вести, масло за јадење во одредени продавници нема со денови. Останува отворено: кој ги шири лажните вести? Дел од граѓаните, велат, веќе си направиле залихи од зејтин, а цената по која го купиле стигнува и над 130 денари.

И не само маслото, на само две недели пред еден од најголемите христијански празници Велигден, најмалку двојно поскапеа јајцата.  Табла јајца чини 273 денари во одредени маркети.  

 Дека цените на храната вртоглаво растат покажува и вредноста на минималната синдикална кошничка за едно четиричлено семејство.  Во споредба со март лани, годинава се потребни најмалку 3000 денари повеќе за задоволување на основните потреби. Пресметките на статистика пак покажаа  дека трошоците за живот се зголемени за речиси девет проценти, а најмногу поскапе храната.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста