Кој освен министерката Ангеловска ги повлекол парите од „Еуростандард“ банката пред таа да пропадне?

Кои се граѓани и компании имале инсајдерски информации дека „Еуростандард“ ќе пропадне, па побрзале изминатите неколку месеци да си ги повлечат парите од банката, никој не знае. Се останува само на шпекулации. Вчера сопственикот на Еуростандард Трифун Костовски рече дека лица и фирми подигнале големи штедни влогови, по, според него, добиени интерни дојави од луѓе во Народната банка и други деловни банки. Меѓу звучните имиња кои навреме ги повлекле парите се најде и министерката за финансии Нина Ангеловска, која наиде на критики во јавноста.

Поранешниот советник во министерството за финансии Бранимир Јовановиќ, вели дека доколку Ангеловска знаела, не требала да го стори тоа. Според него, нормално е ако некој знае дека банка пропаѓа да го направи истиот чекор, но не и јавен функционер.

„Тоа е цената на јавната функција – да го ставиш личниот интерес на страна и да работиш за другите, а не за себе. И секој што не го сфаќа ова, не е за државна функција. Државните функции се за луѓе кои се спремни да му служат на јавниот интерес, да работат за општото добро, да се жртвуваат за државата, а не за луѓе кои гледаат како да остварат лична корист од секоја ситуација“ – пишува Јовановиќ на фејсбук.

За повлекувањето на пари од Еуростандард, Антикорупциската комисија ќе отвори случај за Нина Ангеловска. Бидејќи последен пат министерката пријавила дека повлекла пари на 24-ти јуни или неполни два месеци пред пропаѓање на банката, ќе се истражува дали таа на состаноците на Комитетот за финансиска стабилност со кој претседава гувернерката на НБРМ добила информации кои ја поттикнале да ги извади парите од банката. Од комисијата велат дека промените во нејзините анкетни листови покажуваат дека од 250 илјади евра кои таа ги имала како девизни и денарски штедни влогови во септември минатата година, останала со салдо од 534 евра и 481 илјада денари во Еуростандард, односно вкупно над 8.300 евра. Повлечените пари ги вложила во инвестициски фонд и стан од 70 квадратни метри.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста