Кој копа во РЕК Битола – бизнис или криминални структури?

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев тврди дека поранешниот директор на  РЕК Битола, Васко Ковачевски заедно со потесното раководство направил злоупотреба на положбата и изнуда. Според Чулев тој поднел пријава и го известил обвинителството за овој случај.

„Се работи за реномирана фирма која дала најповолна понуда и го добила тендерот, но од страна на директорот и раководството била вршена изнуда дел од договорот да биде отстапен на друга фирма – подизведувач која ниту има капацитет ниту механизација, а е блиска со СДСМ. Со оглед дека одговорните лица во фирмата која го добила тендерот одбиле да отстапат дел од договорот притисокот продолжил во насока што од страна на директорот на РЕК Битола, согласно пријавата, бил побаран поткуп во износ од 250 000 евра. Притоа било укажано доколку не биде даден поткупот или не се дозволи да се отстапи дел од договорот, фирмата ќе се соочи со притисок со цел да не биде во можност да го реализира склучениот договор“ – изјави Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Како што тврди Чулев, изнудата била правена врз фирма која добила тендер за ископ на јаловина, и од неа се барало да отстапи дел од договорот за фирма-подизведувач блиска на СДСМ, Ковачевски пак обвинува дека, тврдењата на Чулев се уште еден доказ на злоупотребување на полицијата за политичките цели на ВМРО-ДПМНЕ.

“Ги отфрлам неговите денешни обвинувања. Не се точни. Помина времето на МВР-ВМРО кога се правеше хајка и се оцрнуваа неподобните за нив. Кога веќе Наќе Чулев сака да бара криминал му препорачувам да се позанимава со времето на владеењето на Христијан Мицкоски како директор на АД ЕЛЕМ, сега ЕСМ, и да ги истражи тендерите за набавка и увоз на електрична енергија по енормно високи цени и ангажманот на неговите пријатели адвокати за консултантни” – вели Ковачевски.

МВР пријавата и доказите ги доставиле до јавното обвинителство пред еден месец, од каде се уште немаат насоки како да постапуваат. Случајот во полицијата бил пријавен уште во февруари.

Адријана Алексиеска