Кој ќарува најмногу од тендерите во култура-„ДВД 5“ главна во бизнисот!?

Години наназад една фирма го држи приматот во добивањето тендери за изнајмување опрема за озвучување и осветлување на културни настани организирани и финансирани од Министерството за култура.

Сите клучни настани изминатите години се организирани од фирмата со име ДВД 5. Ова е лесно проверливо на сајтот за јавни набавки. Откако постои фирмата, склучила 40 договори, вредни 88,6 милиони денари.

Редовни корисници на нејзините услуги и опрема се Македонска опера и балет, Филхармонија, Охридско лето, МКЦ, па дури и Универзална сала Скопје, но и други. Минатата година вредноста на тендерите што ги добила ДВД 5 е над 13 милион денари – и ова може да се види на страницата за јавни набавки.

Најмногу во очи паѓа договорот што го склучила Универзална со ДВД 5 потпишан лани во септември, особено ако се знае дека салата не работи од 2015 година. Имено станува збор за договор во износ од 3,2 милиони денари. Како е тоа возможно? Оваа дилема е легитимна ако се знае дека салата има клуч на врата за настани веќе 5 години, но не и за директорот Филип Аврамчев.

Тој во телефонски разговор ни објасни дека ДВД 5 ги ангажирале за настаните кои ги организирала Универзална, како Бели ноќи, Скопје лајт артист и други. Не значи дека ако салата официјално не се користи, нема ниту настани.

Сепак, долгогодишното присуство на ДВД 5 како тендерски победник со право ја наметнува дилемата: нелојална конкуренција или пак примат во озвучувањето и осветлувањето? Дали се крие нешто во тендерските постапки? Ако се анализираат податоците на бирото за јавни набавки, оваа фирма добива тендери од државните институции кои во описот на огласот ја имаат наведено ставката – електрични машини, апарати, опрема и потрошен материјал: осветлување.

Добро упатените во овој бизнис велат дека на овој начин сите останати компании се оневозможени да учествуваат, бидејќи постои посебна ставка за конкретниот тип на фирми.

Па така, кога има тендер на кој може отворено да се борат повеќе компании тогаш ставката за аплицирање е „Музичка и сценска опрема, озвучување или осветлување“, односно јасно е наведено дека се канат да учествуваат музичките компании што нудат опрема. Претходната ставка, според нашите извори е скриена варијанта, преку која се изведува конкурсот.

Законски ова не е нелегално, но секако заслужува објаснување, како од државата така и од ДВД 5.

Министерството за култура треба да објасни со аргументи на основа на што една иста компанија ги добива сите тендери и на основа на какви потреби од државата се двојат толку пари за истата?

Катерина Гетева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста