Кој ќе одговара за хаваријата во Охис? Граѓаните загрижени за здравјето, власта тврди – ситуацијата е под контрола?!

Ден по хаваријата во Охис, а за властите само инцидент, се уште не е утврдена одговорноста кој е виновен што 6 тони контаминирана вода со метил-акрилат се излеа од една од цистерините во фабриката. Дури денеска надлежните се одважија да се појават пред камерите, додека вчера кога граѓаните беа во паника, тие испраќаа само соопштенија.

Директорот на „Екоцентар 97“ вели дека не стравувал дека ќе ја загуби работната дозвола по вчерашните случување каде заради пукање на вентил по чистење на цистерните истече водата во која имало и метил-акрилат. Тој се правда, тие работеле правилно.

Иако според директорот тие немале вина сепак, вчера токму граѓаните го пријавиле случајот во полиција. Зошто фирмата не го пријавила случајот, оправданието е оти вентилот пукнал доцна во текот на ноќта завчера и немало кој да види дека водата се излива. Граѓаните во околните населби велат оти почувствувале непријатна миризба, печење на очите, сушење на грлото и главоболки и затоа побарале помош.

Заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули вели немало простор за паника, водата е собрана и граѓаните не треба да стравуваат, а на новинарските прашања кој ќе ја сноси одговорноста вели дека ќе испитале, и во скоро време ќе соопштеле.

Наспроти изјавите на Макрадули, граѓанскиот активист Тони Никушевски вели дека покрај 11те хемикалии кои се во Охис има уште многу и контрираше на речиси се од изјавата на заменик-министерот.

Инаку, водата која истекла од цистерната е собрана, а вчера интервенираше и армијата на Македонија, јавноста прашува ако не било хаварија и станува збор за мал инцидент, зошто дојде армијата?

Мери Ѓорѓиевска