Кој ќе го прогласи Апостол Симовски за државен непријател?

Ќе го изгубат ли Македонците мнозинството во својата земја само за да се задоволат апетитите на малцинствата? Има ли шанси прогнозите на политичарите уште пред да започне пописот да станат реалност? Се одбројуваат последните 10-тина дена до соопштувањето на резултатите од најголемата статистичка операција во Македонија а првиот човек на статистика веќе најави дека по објавувањето, како што вели тој ќе биде државен непријател број еден.

– Наредните месец дена ќе бидам државен непријател, но ние не сме џубокс за исполнување на желби, туку треба да направиме реална фотографија за населението, додаде Симовски.

Дека сите малцинства во Македонија имаа посебни барања од пописот и ги испорачаа уште пред да почне прребројувањето. Турците беа децидни дека нема да го признаат пописот ако се под 7 отсто од вкупното население, Ромите очекуваа да се покаже дека се 100 илјади во Македонија, односно 4 отсто. Владејачката партија пак,  ДУИ се изјасни дека нема да го признае пописот ако Албанците се под 20 отсто, а за Алијанса за Албанците/Алтернатива очекувањата беа пописот да покаже 29 отсто Албанци во Македонија.

Како наближуваше објавувањето на резултатите од пописот, пораснаа апетитите на Албанците за поголема застапеност во вкупната популација во Македонија.. Поранешниот пратеник Ружда Матоши се расфрлаше со бројки по социјалните мрежи. Според него, Македонците, се само 5 проценти повеќе од Албанците, а за прв пат, се спомна и конкретен процент на Бугари во Македонија.

„Само предвидување е … Македонци 40%, Албанци 35 %, Бугари 15 % и малцинства 10%. Попис во с.Македонија’ – напиша Ружди Матоши на неговиот фејсбук-профил.“

И лидерот на ДПА Мендух Тачи, влезе со лицитација дека Бугарите ќе бидат трет народ споре бројност во Македонија, по Македонците и Албанците. Од друга страна бугарски политичари велат дека 130 илјади македонски граѓани имаат бугарски пасош, па очекуваат тоа да има свој удел и во пописните резултати.

Конечните резултати од пописот кој се спроведе минатата година во Македонија од 5 до 30 септември, ќе бидат соопштени на 30 март. Според ДЗС се попишаа 1 832 696 лица во Македонија.  Последниот попис во државава беше одржан во 2002 година, кога вкупното население изнесуваше 2.022.547 лица.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста